Утрински Весник
Македонија

Четириесет питулици на шпорет, адетот во Ресава се тера и во изoлација

Четириесет питулици на шпорет, адетот во Ресава се тера и во изoлација
300x250 (7)

Кавадарци, 23 март 2020 (МИА) – Четириесет питулици испечени одозгора на дрвен шпорет, адетот кој од генерација на генерација се пренесува во кавадаречкото село Ресава, се испочитува и вчера во кругот на семејството на Илија Биков, кое како и многу други во земјава, времето го поминува дома, како превенција од коронавирус.

-Семејната традиција продолжува како и секогаш на верскиот празник  свети 40 маченици. Адетот го наследивме од мајка ми. Секоја година на овој ден, сопругата Вера меси малку потечно тесто, како за палачинки. Става брашно, вода, прашак за пециво, по малку шеќер и сол. Помагам и јас. Со кутлача се става од смесата директно на плочата од шпоретот и се печат питулици. Се јадат со маџун, мед, слатко од грозје без семки. Сите што ги пробале низ годините, се воодушевени од вкусот. Годинава ќе ги јадеме сами, членовите на нашето семејство, за МИА раскажа домаќинот, Илија Биков.

300x250 (7)

Разговаравме по телефон. Ни откри дека во ова село познато по производството на квалитетно грозје и производи од грозје, на шега се пренесува и коментарот дека на овој ден треба да се испијат 40 чашки тиквешка ж’та, за здравје и среќа.

-Меѓу народот постои верување дека е ова тежок празник и дека ништо не се работи по поле. Или како што се вели,  ни пиле не прави гнездо, а камоли пак нешто друго да се работи, додаде Биков.

Овој празник на стартот на пролетта е познат и како Младенци. Низ годините се одбележува така што сите млади брачни парови слават, им доаѓаат блиските и им носат подароци. Годинава, поради коронавирусот, како што ни кажаа некои од младите, откажани се ваквите славења, за некои подобри времиња.

Светлана Дарудова

 

Извор: mia.mk

Ss1

Можете да прочитате

Ковачевски: Мицкоски и ДПМНЕ играат опасна игра која ќе стави крај на европската, но и демократската перспектива на земјата

Скандалозна порака на владиката Петар: Внимавајте за кого ќе гласате

Битиќи на велигденски јајца кај Спасовски дома (фото)