Утрински Весник
Свет

Меркел и Макрон разговараа со Путин за набавка на руската вакцина

Меркел и Макрон разговараа со Путин за набавка на руската вакцина
Dik 300x250 mk

Германската канцеларка, Ангела Меркел, францускиот претседател, Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за руската вакцина против коронавирус „Спутник В“, објави германската новинска агенција ДПА.

Тројцата лидери зборуваа преку видео-врска за руската вакцина, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.

„Спутник“ допрва треба да биде одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Оваа проценка се прави според истите стандарди што важат за сите други вакцини“, рече Зајберт.

Според Кремљ, тројцата разговарале за можни испораки и заедничко производство на оваа вакцина во земјите на ЕУ.

Руската фармацевтска компанија Р-Фарм планира да ја произведува вакцината во баварскиот град Илертисен од јуни или јули.

ЕМА во моментов ја разгледува апликацијата за одобрување на „Спутник В“ во ЕУ.

Експертите на агенцијата се очекува да ја посетат Русија во април за да го испитаат производството и складирањето на вакцината.

Потоа, компанијата може да аплицира за одобрување на пазарот во блокот. Европската комисија во моментов нема договор за набавка на „Спутник В“.

Унгарија, членка на ЕУ, го прескокна тој чекор и итно ја одобри руската вакцина.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во вторникот изјави дека Виена преговара со Москва за купување дози.

Можете да прочитате

Се запали автобус со навивачи на „Барселона“ во Бриж, нема жртви

Над 30 повредени откако бил испуштен иритирачки гас во германско училиште

СЗО ќе вакцинира 44.000 деца во Појасот Газа