Утрински Весник
Македонија

Меморандум за соработка за унапредување на шумите во Малешевскиот Регион

Меморандум за соработка за унапредување на шумите во Малешевскиот Регион

Пехчево, 16 јуни 2020 (МИА) – Градоначалниците на општините Пехчево и Берово денеска во Едукативниот центар за заштита на природата во село Негрево потпишаа меморандум за соработка за унапредување на шумите, со што двете општини заедно со Јавното претпријатие „Национални шуми“, ја дефинираа понатамошната соработка за реализација на мерките предвидени со Регионалниот план за управување со шумите во Малешевскиот Регион.
Со потпишувањето на овој меморандум, како што истакна претставникот на „Национални шуми“, Маре Басова, се отвора нова страница за соработка помеѓу општините и јавните институции.
-Сега со овие конкретни проекти го покажуваме нашето партиципативно учество и со потпишувањето на овој меморандум покажуваме дека сите стратешки документи кои ќе се носат во насока на зачувување на шумите и фунцкионирање на шумарскиот сектор, посебно во овој регион, ќе бидат во согласност со локалните самоуправи. На тој начин ќе покажеме дека се грижиме за локалниот развој. Следејќи ги сите европски трендови ЈП „Национални шуми“ ќе направи промена на своите стратешки програми кои ќе бидат насочени кон понатамошно зачувување на природата и на биодиверзитетот, што значи дека покрај дрвото, ќе биде даден посебен акцент на биодиверзитетот, рече Басова.
Шумарството во Малешевскиот Регион е значајна стопанска гранка која обезбедува економски развој за голем број на население, поради што, како што истакнаа градоначалниците на општините Пехчево и Берово документот е од особено значење за одржливо управување со шумите.
-Со самата имплементација на овој стратешки документ, сите активни чинители ќе имаат можност во еден документ да успеат на еден подруг начин да се справуваат со сите предизвици во делот на зачувување на шумите. Акцискиот план треба да се спроведе до 2025 година, што се надевам дека двете општини ќе успеат заедно да до реализираат, истакна Драган Тренчовски, градоначалник на општина Пехчево.
-Со ова се надеваме да овозможиме регионот кој изобилува со шуми да биде заштитен, да биде одржливо управувањето со шуми и ова да биде вовед во пригласувањето на заштитено подрачје, со кое ќе се овозможи дополнителна заштита на миркорегионот Малеш. Ова се на интеракцијата на двете општини со ЈП „Национални шуми“ и месното население во делот на управувањето со овој природен ресурс, рече беровскиот градоначалник Звонко Пекевски.
Регионалниот план за унапредување со шумите во Малешевскиот Регион, со акциски План 2020-2025 е прв регионален план, кој се изработува за одреден микро регион во државата и истиот е подготвен во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), преку проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем. Истиот како стратешки документ за шумите претходно беше усвоен од советите на општините Берово и Пехчево. вс/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Оштетен автомобил и покрив на куќа – Битолчани вознемирени од невремето кое ги зафати (ФОТО)