Документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефановски, вечерва во 20 часот ќе биде прикажан во Кинотеката.
Филмот е дел од дополнителната програма на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“.
Веднаш по филмот, публиката ќе може да проследи видеообраќање на хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, кој е голем поддржувач на најуспешниот македонски документарец досега.
Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа беше официјално затворен во Куршумли ан, каде се реализира во изминатите три дена. Вообичаено, третата вечер на интернационалниот литературен фестивал беше посветена на лауератот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон книжевноста на Балканот, која годинава ја доби големиот автор Исмаил Кадаре. Од оправдани причини, Кадаре не можеше да дојде во Скопје, а наградата му беше испратена во Париз.