Во свечената сала на Врховниот суд се одржа свечена церемонија за одбележување на почетокот на обуката за слушатели на VII генерација во Академијата за судии и јавни обвинители.
Во своето воведно обраќање, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека Академијата за судии и јавни обвинители има обврска да преземе активности кои преку едукативниот процес ќе изгради независни и непристрасни судии и јавни обвинители, со фокус на нивните професионални вештини, интегритет, стручност, лична способност и социјални вештини.
Маричиќ истакна дека судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството, но и дека новата генерација на судии и обвинители треба да внесе нова енергија во правосудството и на дело да се докаже.
Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите, истакна министерот Маричиќ, кој дополни дека „власта“ која им е доделена на судиите и јавните обвинители е тесно поврзана со вредностите правда, еднаквост, непристрасност, вистина и слобода и тие како носители на правосудната власт носат одлуки кои во голема мера ги засегаат животите на луѓето и овозможуваат нормално функционирање на општеството.
Секој судија и јавен обвинител поединечно би требало да стори се за да ја одржува судската независност на институционално и лично ниво, да имаат еднаква почит и третман на странките со избегнување на секаква пристрасност и дискриминација. Подеднакво важно, судиите и обвинителите треба активно да соработуваат со медиумите и редовно да ја информираат јавноста за случувањата, истакна Маричиќ.
„ Општество со бестрашни обвинители и судии може да стави крај на корупцијата и организираниот криминал, може да го подобри угледот на државата надвор и да ги задржи младите во државата бидејќи ќе знаат дека правосудниот систем функционира, а државата работи за нив и во нивно име. Правдата е во ваши раце и направете граѓаните да видат дека се прави! И запаметете, кога еден ден ќе ја поминете целата Академија и ќе бидете избрани, секогаш носете пресуди во име на граѓаните и немојте тоа да го заборавите затоа што ним им служите. Храброст, транспарентност и етика нека зрачат од вас и вашата работa“, истакна Маричиќ.