Утрински Весник
Македонија

Манчевски и Забрчанец во самоизолација поради остварени контакти со Зекири

Манчевски и Забрчанец во самоизолација поради остварени контакти со Зекири

Скопје, 1 јуни 2020 (МИА) – Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и советникот за односи со јавност на претседателот на Владата, Марјан Забрчанец се во домашна изолација поради тоа што имале контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири.

Манчевски и Забрчанец на своите фејсбук профили информираа дека по препорака на епидемиолозите ќе бидат во самоизолација.

– Согласно препораките на епидемиолозите, поради средбата со мојот другар и колега Мухамед Зекири, во наредните девет дена ќе бидам во самоизолација. На средбата беа применувани здравствените протоколи, но сепак препораките на здравствените експерти се најважни и мора да ги почитуваме. На Муки и семејството им пожелувам брзо закрепнување. На сите други Ви посакувам добро здравје, напиша министерот Манчевски.

И Забрчанец информираше дека е во домашна самоизолација поради тоа што во четвртокот попладне бил на состанок со Зекири. На состанокот, како што пишува, биле применети препораките за физичко растојание, носење заштитна маска и употреба на дезинфекционо средство пред и по состанокот.

–  Секако, заради избегнување и најмал ризик, ќе ја спроведам препорачаната самоизолација. Немам никакви симптоми, а ќе се тестирам во текот на неделата. На Мухамед и семејството им посакувам брзо оздравување. Сите да ги почитуваме доследно мерките и препораките на епидемилозите и на тој начин да се заштитиме самите себе и сите околу нас, напиша Забрчанец на Фејсбук.

Потпретседателот и пратеник на СДСМ Мухамед Зекири вчера соопшти дека тој и неговото семејство се позитивни на КОВИД 19 и апелираше до сите да ги почитуваат здравствените препораки. бак/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

МВР не дозволи учество на „Маршот за ангелите“ на луѓе од други градови

На „Табановце“ се чека околу 40 минути за излез од државата

Поради пожар во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод – Скопје