Македонска Каменица, 22 февруари 2020 (МИА) – Општина Македонска Каменица заедно со уште пет општини од Република Северна Македонија ќе изработува регионални проекти за продлабочување на културната соработка во земјите од Западен Балкан.
За таа цел, делегација од општината прдводена од градоначалничката Соња Стаменкова викендов учествува на Меѓународниот саем за туризам во Белград како дел од работниот состанок на културната иницијатива „Cultural Cooperation Projects“.
– Во рамки на одржувањето на 42. Меѓународен саем на туризмот во Белград, заедно со градоначалници и претставници на локалните самоуправи од неколку општини во државата, присуствувам на работен состанок организиран од WIN серијата. Македонска Каменица е една од општините која е избрана како општина со развоен потенцијал и иден партнер во регионалната иницијатива за изготвување на проекти за повикот „Cultural Cooperation Projects“ во Западен Балкан кој трае до 17 март 2020 година, истакна Стаменкова.
Градоначалничката посочи дека главна цел на повикот за културна соработка на земјите од Западен Балкан е да се поттикне помирувањето и добрососедските односи преку културна соработка и креативност.
Меѓу останатите придобивки за општините кои се вклучени во реализацијата на регионалната иницијатива е зголемувањето на културната прекугранична соработка во регионот на Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, како и зајакнување на конкурентноста на културните и креативните индустрии во регионот.
Покрај Општина Македонска Каменица, предност при аплицирањето ќе имаат и останатите присутни потенцијални партнери, односно општините Демир Хисар, Старо Нагоричане, Центар, Ресен и Дојран. вс/фф/