Утрински Весник
Свет

Лукашенко: Постигнавме договор со Путин, ако има потреба, Русија ќе интервенира

Лукашенко: Постигнавме договор со Путин, ако има потреба, Русија ќе интервенира

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, соопшти дека се согласил со рускиот колега, Владимир Путин, за давање помош во случај тоа да биде потребно.

„Кога станува збор за воената компонента, Белорусија веќе има постоечки договор со Руската Федерација. Овие моменти спаѓаат во тој договор. Затоа, дури и денеска, разговарав долго со рускиот претседател за актуелната состојба. Морам да кажам дека сум фасциниран од тоа колку тој е информиран за сè што се случува“, рече Лукашенко.

„Се договорив со Путин дека на нашето прво барање, Русија ќе обезбеди сеопфатна помош со цел да се осигура безбедноста на Белорусија“, додаде тој.

Коментирајќи ги протестите на работниците во Белорусија, Лукашенко рече дека станува збор за „нож во грбот на власта“.

„Кој е тој пристап? Претседателот, Владата, сите се бориме да обезбедиме барем некаква плата. Компаниите работат, ние нудиме неверојатна помош. И што? Нож во грбот?“, револтирано запраша Лукашенко.

Тој исто така рече дека сите оние што протестираат не треба веќе да работат во фабриките.

„Бидете претпазливи, имаме премногу работници во нашите фабрики, нека си одат тие луѓе. За такви луѓе не треба да има место во фабриките“, заклучи тој.

Илјадници демонстранти денеска повторно се собраа во Минск, во знак на протест против реизборот на претседателот Лукашенко, поради сомнежите за големи местенки и нерегуларности на неодамна одржаните претседателски избори.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, неодамна изјави дека ЕУ темелно ќе ги разгледа односите со Белорусија и оцени дека претседателските избори во таа земја не биле ниту слободни, ниту фер.

„Франс прес“ вчера соопшти дека ЕУ веќе дала зелено светло за санкционирање на репресијата во Белорусија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд