Не може да има милост за главните организатори и извршители на убиството на новинарката и политички аналитичар Дарја Дугина, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој убиството на Дугина, ќерката на влијателниот руски филозоф Александар Дугин го нарече „варварско злосторство“.
„ Не можам да судам дали се работи за чин на заплашување или за конфронтација. Верувам дека тоа е варварско злосторство, кое никогаш не може да се прости“ рече Лавров.
Тој рече дека Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), која ги обвини украинските специјални служби за убиството, ги утврдила фактите, кои сега се истражуваат, пренесува ТАСС.
„ Се надевам дека истрагата брзо ќе биде завршена, а врз основа на резултатите од оваа истрага, секако не може да има милост за главните организатори, нарачателите и сторителите – рече Лавров.
Дугина (29) беше убиена во саботата вечерта во московскиот регион, кога била активирана експлозивна направа поставена во нејзиното возило. ФСБ соопшти дека убиството го извршила државјанката на Украина, Наталија Вовк, која во Русија пристигнала на 23 јули заедно со нејзината ќерка.
Украина негираше каква било вмешаност во убиството на руската новинарка и политиколог, а советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак по повод руската ФСБ која ги обвини украинските специјални служби за убиството на Дугина изјави дека „руската пропаганда живее во измислен свет“.