Од 16 мај до 15 јуни, на отворената сцена на Булфрогс балетското школо во Паркот на Франкофонијата ќе се одржува манифестацијата „Култура под небото“.
„Култура под небото“ е проект за подобрување на физичкиот и менталниот развој на децата и младите и за поттикнување на едукација во културната сфера. Во рамки на програмата ќе се одржуваат часови по класичен балет за деца и млади од 3 до 18 години, aerial stretching – техника за истегнување со помош на платно, како и ПБТ часови за мускулна меморија и превенција и корекција на деформитети во екстремитетите и грбот.
Во рамки на „Култура под небото“ ќе се одржат и разни културни манифестации, отворени за посета и учество на сите заинтересирани деца и млади.
Идејата за отворена сцена во срцето на Скопје се „крчка“ веќе извесно време, а произлезе од потребите за уметнички израз и глад за култура под отворено небо, без страв и неизвесност во време на пандемијата. Активностите на Булфрогс Балет на отворено започнаа во 2021 година во градскиот парк, а оваа година целата програма ќе биде издигната на едно многу повисоко ниво, со поставување на пространа отворена сцена во центарот на паркот на Франкофонијата и богата програма. Според Александра Никифоровски, уметничка директорка на Булфрогс Балет, токму овој спој на природа и уметност е одговор на потребите на младите кои не беа спремни да се откажат од љубовта кон уметноста, велат организаторите.
Никифоровски: „Проектот “Култура по небото” e нашиот крик за ослободување од онлајн просторот, обид за ре-воспоставување на физички простор кој ќе го врати чувството на слобода и длабокото вдишување и издишување додека телото танцува, ослободувајќи емоција. Наметнатото „ново нормално“ на глобално ниво предизвика потрага по алтернативни алатки и простори за спроведување на секојдневните активности. Уметничката индустрија не беше изземена од пандемијата, па оттука се роди идејата да создадеме простор под отворено небо со проширена програма, каде младите се чувствуваат безбедно да бидат свои, креативни и да бидат вклучени во уметнички активности“.
Текстот „Култура под небото“-културна манифестација на отворена сцена во Паркот на Франкофонијата е превземен од МАКФАКС.