Кочани, 13 февруари 2019 (МИА) – Пожарникарите од Територијалната единица во Кочани добија дополнителна заштитна опрема за интервенции на терен, што со јавна набавка ја обезбеди Општина Кочани.
Се работи за наменски интервентни чизми и заштитни поткапи, за што од општинскиот буџет се издвоени околу 260 илјади денари.
– Противпожарните чизми служат за дејствување во затворен простор и тие ги исполнуваат соодветните стандарди за заштита во специфични и екстремни услови. Изработени се од кожа, заштитуваат од пробивање, ѓонот штити од топлина и лизгање, а поседуваат и други карактеристики предвидени со посебен стандард за квалитет. Заштитните поткапи пак, се вклопуваат со маската и ги штитат главата и вратот од изгореници. Составот на материјалот овозможува заштита од хемиски супстанции и при високи концентрации во случај на прскање, истакна Благојчо Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Новата опрема ќе ја замени старата и дотраена која кочанските пожарникари ја добија како донација пред повеќе од една деценија.
Од Општина Кочани информираа дека наскоро ќе биде распишана јавна набавка за ново теренско противпожарно возило, за кое се предвидени средства во Буџетот за 2020 година. За потребите на Единицата, ќе се набави џип што ќе го олесни пристапот и на најнепогодните простори за гасење пожари, особено на полските површини. Ова возило ќе биде прво за Територијалната единица обезбедено со средства од општинскиот буџет. та/сст/