Утрински Весник
Култура

Концерт на Антоние на Врбјанска Чука

Концерт на Антоние на Врбјанска Чука

Оваа недела завршуваат археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука. И оваа година крајот на теренското истражување се финализа со ексклузивен настан во археолошката сонда. Имено, на локалитетот ќе се одржи концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти, кој ќе подготви програма специјално за овој настан.

Концертот ќе биде ретка прилика да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што ќе се спојат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации. На тој начин Врбјанска Чука и музиката на Антоние ќе добијат поинаква димензија и вземно ќе се надополнуваат во нова аудио-амбиентална целина.

Локалитетот Врбјанска Чука претставува тумба формирана како неолитска населба пред 8 000 години, а која потоа во антиката и средниот век е користена како стопански центар и некропола. Во неа се откриени остатоци од масивни неолитски градби и структури, како и мноштво антички јами и средновековни погребувања, а кои ќе бидат презентирани пред концертот.

Антоние е истакнат македонски музичар посветен на изучувањето на перкусивни инструменти и особено на вибрафонот и маримбата. Тој е составен дел од повеќе македонски и меѓународни групи и оркестри, со кои настапувал на различни домашни и странски сцени. Покрај овие изведби тој е насочен и кон создавање на своја авторска музика, а која ќе биде и составен дел од настапот на Врбјанска Чука.

Концертот на Антоние на Врбјанска Чука ќе биде изведен на самиот локалитет (28.08.2020-18:30 часот), кој се наоѓа околу 1 км јужно од селото Славеј во Пелагонија. До него може да се дојде со автомобил или велосипед по патот од Прилеп кон Крушево и потоа да се скршне лево кај селото Славеј кон Боротино. Од ова место до Врбјанска Чука има околу 10 минути, а самата локација ќе биде означена за да може посетителите лесно да ја најдат.

Концертот на Врбјанска Чука е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Џез фестивал – Прилеп и Завод и музеј – Прилеп, а кој исто така претставува и дел од оф-програмата на Прилепскиот џез викенд. При реализацијата на настанот ќе бидат преземени сите неопходни мерки и протоколи за собири на отворено место, така што ќе се одржува неопходната дистанца и ќе се носат заштитни маски. Влезот е бесплатен.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“