Вечерва се празнува „Ноќта на вештерките“ или Halloween кој секоја година се одбележува на 31 октомври, ноќта пред празникот „Сите светци“ (All Saints) во католичката вероисповест. Но, одбележувањето на Ноќта на вештерките е глобален тренд, кој во последните години се забележува и кај нас, особено кај младите. Во оваа ноќ се раскажуваат страшни приказни, децата се маскираат и се декорираат домовите со хорор мотиви. По тој повод, Инстаграм профилот @studentarijamk во соработка со Новинската агенција „Мета.мк“ и Издавачки центар „ТРИ“, распиша Конкурс за краток хорор расказ.
Во текот на два дена, колку што траше конкурсот, пристигнаа 21 труд од млади автори. Кратките раскази беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Горан Ризаов, главен уредник во Новинска агенција „Мета.мк“, Бојан Саздов, главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“, Тања Блажовска- Митевска, заменик главен уредник на Издавачки центар „ТРИ“ и Гоше Николов, соработник во „Мета.мк“. Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, но и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.
Согласно правилата на конкурсот, наградени се три кратки раскази. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични, при што само нијанси ги одделуваа победничките од останатите кратки раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои трудови.
Авторите на наградените трудови ќе добијат ваучери од страна на Издавачкиот центар „ТРИ“.
Сите наградени раскази ќе бидат објавени вечерва на Мета.
Според гласовите на комисијата, третонаграден е расказот: „Девојката со скршена насмевка“ на авторот под псевдоним Слаѓан Славенски.
Истиот можете да го прочитате во продолжение.
Ви посакуваме убава и возбудлива „Ноќ на вештерките“!
Трета награда:
Девојката со скршена насмевка
автор: Слаѓан Славенски
Ноќта беше мраз студена, а месечината сјаеше на небото како блескава топка за гатање. Кога Нина нагло ги отвори очите, сфати дека е извлечена од својот немирен сон поради силното тропање на вратата, што како да го тресеше целиот нејзин апартман.
Таа си ги протри очите и се упати низ ходникот, пред да посегне по кваката од влезната врата, збунето прашувајќи се кој би можел да биде во таа доба од ноќта. Доби одговор на тоа прашање кога одеднаш пред неа се појави младата сосетка што живееше во станот наспроти нејзиниот, Мила. Беше облечена во сина ноќница, усните ѝ беа крвави, и очајно ја молеше Нина да тргне со неа, тресејќи се од ужас. Имаше лудачки израз и зацрвенети очи, па Нина немаше друг избор освен да почне да ја следи надолу по дрвените скали, што заговорнички крцкаа под нивната тежина. Таа упорно поставуваше прашања, но сосетката немаше намера да проговори ниту еден збор, небаре не беше способна за такво нешто. Остана тивка и нема како мермерна статуа…
Пристигнаа на приземјето кога однадвор се слушна силна грмотевица, а набрзо и дожд ја нападна земјата. Мила трепереше како лист додека ја водеше загрижената Нина сè подлабоко во зградата. Се упатија низ тесниот коридор што водеше кон подрумот. Мрачните сенки танцуваа по малтерисаните ѕидови, а мирис на крв и прашина ѝ ги надразнија носниците на Нина кога зачекори внатре во него. Темнината ја прегрна, а Мила исчезна некаде во неа како сениште. Чувство на страв, трема и параноја го навјасаа битието на Нина. Тресејќи се, најпосле го пронајде прекинувачот и го притисна. Слаба трепетлива светлина го растера мракот, и таа осозна дека Мила не е повеќе со неа – испари во воздухот како ѕвездена прашинка. Го извика нејзиното име неколку пати, но безуспешно. Беше сосема сама, небаре се наоѓаше среде пустина.
Нина наслушна чуден звук – како нешто тврдо и тешко да се влечкаше по бетонот, недалеку од неа. Си го прочисти грлото и продолжи понатаму, обргнувајќи се околу рамениците. Отвори уште една врата, се заплетка во пајажината што ѝ се залепи во црната коса, тивко крикна кога се подлизна од баричката крв што се појави пред нејзините нозе, и летна нанапред во неколку кутии наредени како кула една врз друга.
Вџашено воздивна кога го намести фокусот врз едно полуголо тело што висеше закачено на кука на ѕидот, небаре стануваше збор за растение. Нина вресна, но нејзините крици беа придушени од грмотевиците и интензитетот на дождот што во меѓувреме се засили. Брзо се исправи и се доближи до трупот – усните на убиената жена беа расечени од едниот до другиот крај, формирајќи морничава насмевка. На една стара масичка што се наоѓаше на еден метар од жртвата, Нина забележа човечко срце. Ужаснато отстапи кога сфати дека органот ѝ припаѓаше на жената што висеше на куката пред неа. Таа згрозено писна во мигот кога една силуета ѝ се појави пред видното поле. Човекот беше облечен во црно од глава до петици, а на лицето имаше тажен израз. Неговите црти беа остри и груби, развлечени под чуден агол. Целото негово лице беше издеформирано – очигледно уште од раѓање – па така изгледаше како секогаш да има меланхолична маска преку неговите усни, нос, очи и веѓи. Направи неколку чекори кон Нина и осветлението ги растера сенките од неговото торзо. Таа веднаш го препозна – тоа беше хигиеничарот, честопати исмејуван поради својот грозен изглед, што понекогаш наминуваше во зградата за да подзачисти наоколу – прозорците и ходниците, вклучувајќи го и подрумот!
Нина опцу и почна да бега во спротивната насока кога ја забележа секирата во неговата рака. Трчаше и трескавично викаше за помош, но ја пречека уште еден шок – женско тело висеше обесено на кука, усните расечени во насмевка. Сфати дека тоа беше онаа убава докторка што се сметаше за исчезната веќе неколку недели – очигледно и првата несреќничка припаѓаше во тој круг. Нина застана за момент за да се смири и го слушна лудакот како бревта, приближувајќи се кон неа. На масичката – на којашто беше поставена уште една стаклена тегла со изваденото срце на докторката – таа здогледа голем месарски нож. Без да размислува цврсто го зграпчи во мократа дланка, токму кога убиецот ја фати за косата и ја повлече наназад. Ја удри со тупаница по образот и таа се затетерави. Се обиде да се оддалечи од него, влечкајќи се како бубачка. Потоа се подисправи и се заврте назад. Тој неумешно замавна со секирата кон неа, но Нина рефлексивно се фрли настрана, па сечилото прелета покрај неа (низ прамените коса) и се заби во даските нафрлени на купче во аголот. Додека побеснетиот напаѓач беше зафатен со извлекувањето на секирата, ревносно потегнувајќи ја кратката дршка нагоре кон себе, Нина зеде залет, крикна и му го смачка окото со блескавиот нож. Крвта го обои неговото изненадено деформирано лице, но таа сепак продолжи да го боде по градите со сечилото, сè додека тој не падна на прашливиот под. Од некаде се слушнаа човечки гласови што стануваа сè погласни…
Нина издиша од олеснување и си ги избриша влажните очи. Облеката ѝ беше украсена со крвави дамки од убиецот. Морам да повикам полиција, си помисли и го пречекори безживотното тело на бетонот. Држејќи се попатно за ѕидот, таа бавно продолжи да чекори кон излезот. Слепоочниците огнено ѝ пулсираа, заканувајќи се дека ќе експлодираат. Пред да пристигне до вратата, Нина застана затоа што нешто ѝ го привлече замаглениот поглед. Од десната страна, уште еден полуразголен труп (со дупка во градите), висеше како чаршаф. Жената се доближи до телото на младата девојка; наеднаш здивот ѝ се пресече, а крвта ѝ се претвори во мраз во вените.
Нина започна да рони солзи кои ѝ го миеја валканото лице. Крвавата расечена уста зјаеше како да ѝ испраќа некакви мистични сигнали. Сосетката Мила скршено ѝ се насмевнуваше од железната кука на мувлосаниот ѕид.