Утрински Весник
Економија

Комуникација во вонредни услови, рационалност за достапност и квалитет

Откриени администраторот и телефонските броеви на членовите на „Јавна соба“

Скопје, март 2020 (МИА) – Пандемијата со Ковид 19 целосно го промени начинот на живот и работа, а секојдневните активости во голема мера се одвиваат онлајн. Операторите бележат зголемено ниво на интернет-сообраќај. Истакнуваат дека мрежата е стабилна и зависно од потребите се зголемува капацитетот. Апелираат дека е потребно рационално користење на телекомуникациските услуги за тие да бидат достапни во секое време со ист квалитет.

Македонски телеком бележи значително зголемување на мобилниот и фиксниот интернет-сообраќај во мрежата, но, како што велат, таа е стабилна.

– Со појавата на епидемијата се смени начинот на живеење, работење и нашето секојдневно функционирање, а главните канали за поврзување и комуникација приватно и деловно се дигитални. Тоа предизвикува и значително зголемување на сообраќајот и во мрежата на Македонски телеком, особено на мобилниот и фиксниот интернет-сообраќај. Сепак, и покрај зголемената потреба од интернет-сообраќај, состојбата со мрежата е стабилна. Македонски телеком презема дополнителни мерки за зајакнување и зголемување на капацитетот на мрежата за да се задоволат потребите на корисниците. Наш приоритет и натаму останува да ги одржиме инфраструктурата и интернет-пристапот беспрекорни. Затоа, сите наши ресурси, технички и човечки, се насочени да обезбедиме непречена комуникација и во вакви вонредни услови, изјавија за МИА од МТ.

И од А1 Македонија наведуваат дека и во оваа кризна состојба ги преземаат сите неопходни мерки да обезбедат телекомуникациската мрежа да работи на сигурен и стабилен начин и да обезбедува континуитет на клучните телекомуникациски услуги, како и досега.

Бележиме зголемен обем на говорен сообраќај, како и зголемен интернет-сообраќај, кој е видливо повисок од вообичаено во одредени периоди од денот, што е резултат на приспособувањето на компаниите на новонастанатата состојба со работа од дома и на останувањето на нашите корисници дома согласно мерките за заштита од коронавирусот. Токму од тие причини А1 Македонија го обезбеди пакетот А1 Солидарност, кој овозможува 10 ГБ бесплатен мобилен интернет за сите корисници кои ќе го активираат преку апликацијата Мојот А1 и зголемен број ТВ-канали без дополнителна претплата за сите корисници на ТВ-услугите, велат за МИА од А1 Македонија.

За да обезбеди максимална достапност на услугите компанијата, покрај постојниот центар за оперативно следење и одржување на критичната инфраструктура и сервиси, го активирала и интерниот кризен штаб.

– Направени се детални сценарија за обезбедување континуитет на работењето и обезбедување на услугите во услови на кризна/вонредна состојба во државата. Техничките експерти постојано ги надгледуваат мрежните капацитети и подготвени се да реагираат со соодветни технички мерки за обезбедување на интегритетот на мрежата во случај на екстремно висок сообраќај или други технички тешкотии, наведуваат од А1.

Во оваа вонредна ситуација, кога е потребно одговорно однесување во секој поглед, апелираат до корисниците за рационално користење на телекомуникациските услуги со цел тие да бидат достапни во секое време со ист квалитет.

Законска надлежност за спроведување на обезбедувањето минимален квалитет на електронски комуникациски услуги, кој е дефиниран во претплатничките договори на корисниците, има Агенцијата за електронски комуникациии. Во услови на прогласена вонредна состојба, Законот за електронски комуникации пропишува надлежности и на ресорното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА).

– Доколку поради одредени новонастанати околности во одредни делови или области во државата се предизвика промена во секојдневното работење на мрежата на операторот, како на пример, преоптоварување одредени базни станици, операторот може да преземе мерки за обликување на сообраќајот, со цел да се избегне оптоварувањето или преоптоварувањето на мрежната поврзаност. Може да постави оптички кабли за поврзување базни станици или, на пример, да постави нови времени базни станици, за што ќе му бидат потребни дополнителни радиофреквенции. Доделувањето на радиофреквенциите е законска обврска на Агенцијата за електронски комуникации. Секако, барањето за добивање нови радиофреквенции треба да биде основано, велат од МИОА.

Во услови на вонредна состојба, која е прогласена во државава, за работите утврдени со Законот за електронски комуникации во врска со работата на јавните електронски комуникациски мрежи и обезбедување јавни електронски комуникациски услуги е надлежен министерот за информатичко општество и администрација.

Член 64, ставови (2) и (3) од ЗЕК пропишуваат дека јавните електронски комуникациски мрежи и придружните средства мора да се планираат, проектираат, градат и поставуваат на начин со кој ќе се овозможи давање приоритет на комуникациите од определени мрежни приклучни точки пред другите комуникации во случај на пад на мрежа, воена или вонредна состојба или елементарна непогода. Владата на Република Северна Македонија, пак, ги определува групите корисници со право на приоритетни мрежни завршни точки.

Воедно ЗЕК пропишува дека јавните електронски комуникациски мрежи и придружните средства мора да се планираат, проектираат, градат и поставуваат на начин со кој ќе се овозможи по барање од надлежен државен орган или тело, без надомест да обезбедат пренос на пораки и известувања во случај на воена состојба или непосредно загрозување на независноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, во случај на големи природни непогоди, техничко-технолошки и еколошки несреќи и епидемии, кога постои опасност за животот и здравјето на луѓето и сигурноста на земјата.

МИОА има определено контакт-лице за комуникација со операторите доколку се донесат одредени акти согласно утврденото со Законот за електронски комуникации.

Во државава, според последното истражување на Агенцијата за електронски комуникации, употребата на интернет е застапена речиси кај 90 проценти од популацијата, а само половина од нив ја штитат приватноста со антивирусна програма.

За да избегне застој во интернет-сообраќајот најголемата интернет-платформа „Јутјуб“ неодамна најави дека ќе го намали квалитетот на видеата пред сè кон земјите на Европската Унија и Велика Британија, а намалување на квалитетот на видеосодржините за 25 отсто најави и популарната услуга за стриминг „Нетфликс“.

Лидија Велковска 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена