Утрински Весник
Македонија

Ковачки за Законот за служба во АРМ: Власта го покажа своето лицемерие

На 18.04.2022 година по итна постапка, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе Предлог – закон за измени на постоечкиот Закон за Служба во Армијата на Република Македонија, истакна денеска Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

На 10 Мај, потсети тој, на седницата на Собранието на Република Македонија, владеачкото мнозинство тој предлог на Закон да биде ставен како точка на дневен ред го одби.

„Имено, против гласаа и пратениците кои порано биле дел од Армијата на Република Македонија, а тоа се и генералот во пензија Илија Николовски од Партијата на Пензионерите и мајорот Талат Џафери кој дури беше и министер за одбрана. Значи поранешните старешини си гласаа против својата војска. Со ова власта го покажа своето лицемерие и покажа дека е против: Решавање на статусот на вработените кои веќе 19 месеци чекаат решение за нивниот статус и заминување во пензија, исправање на неправдата кон веќе заминатите во пензија и кои заминале по понеповолни услови од нивните колеги, помош на професионалните војници со парични средства кои после 45 години ја напуштаат АРМ, департизација на АРМ и враќање на ингеренциите на Началникот на Генералштаб што му ги одзема претходниот министер Шеќеринска“, рече Ковачки.

Во услови кога на исток во Европа имаме војна, чиј развој не може да го предвидиме, додаде тој, неодговорно е власта да создава криза во АРМ и е неодговорно да гласаш ПРОТИВ решавањето на статусот на припадниците.

„Нашата пратеничка група не се откажува од изнаоѓање на решение за овие проблеми и без разлика што активната блокада на Собранието е започната, денеска врз основа на член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, по скратена постапка, повторно го поднесуваме Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Исто така, бидејќи оваа неспособна и неодговорна власт ја дотера инфлацијата на повеќе од 10% и парите ја губат својата вредност, сакаме да ja информираме јавноста дека како пратеничка група ќе бараме:Зголемување на платите на сите вработени во АРМ и МО за 10% на ист начин како што тоа го бараме за МВР, зголемување на дневницата на 2000 денари, на ист начин како што тоа веќе го направивме за МВР и безбедносните служби“, посочи пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

Поделени ставови пред српската амбасада во Скопје – Поддршка за студентите, но и критики

Уапсени девет возачи за „безобѕирно управување со моторно возило“, тројца возеле без положен возачки испит, а шест под дејство на алкохол

Јосифоска: На 34 години ќе ме оставевте во количка и ќе ми го запревте животот