Утрински Весник
Култура

Кинотека ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм – Фросина

Кинотеката на Северна Македонија деновиве ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм – Фросина, снимен во далечната 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.

Фросина (1952) на Војислав Нановиќ и МИРНО ЛЕТО (1961) на Димитрие Османли – минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска – а филмот Мирно лето е објавен и на блуреј диск, како прво блуреј издание на македонски филм.

Дигитализацијата на македонските играни филмови е една од основните активности на нашата институција, која е единствена институција во земјава – чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство – па Кинотеката деновиве го подготвува за објавување и изданието на дигитално реставрираната верзија на Фросина – исто така на блуреј диск.

Исто така, во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен Јубилеј од првиот македонски игран филм – Фросина на 28 јуни (вторник) во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“ со почеток во 20:00 часот ќе се одржи изложба на фотографии од филмот, проследено со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија – во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“.

Во мај 1989 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.

А на 16 јуни 2021 година, во летното кино на Кинотеката беше прикажана и дигитално реставрираната копија на Фросина – и истовремено беше пренесувана во живо („live streaming“), па можеше да се следи на каналот „YouTube“, како дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films). Во таа прилика, д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката – одржа беседа за филмот и меѓу другото посочи дека во тоа време постоела т.н. идеолошка комисија, која цензурирала одредени делови на филмот.

На иницијатива на Кинотеката на Северна Македонија, Македонската Радио Телевизија деновиве сними документарен филм за филмот Фросина кој премиерно ќе биде прикажан на МРТ на 28 јуни во 20:45 часот. Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската Радио Телевизија.

Текстот Кинотека ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм – Фросина е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“