Утрински Весник
Свет

Кина размислува да комбинира вакцини за да ја подобри ефикасноста

Кина размислува да комбинира вакцини за да ја подобри ефикасноста

Висок кинески службеник на Службата за превенција на болестите, Гао Фу, изјави дека владата размислува да ги меша вакцините против Ковид-19 велејќи дека ефективноста на сегашните вакцини не е многу голема, објави „Ројтерс“.

Ефикасноста на кинеските вакцини е помала отколку на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, но нивниот транспорт и складирање се поедноставни.

„Во моментот достапните вакцини немаат многу високо ниво на заштита“, рече Гао Фу, директор на Кинескиот центар за контрола и превенција на болестите, на прес-конференција во кинескиот град Ченгду.

„Се разгледува имунизација со помош на вакцини со разни технички својства“, рече Гао.

Тој додаде дека преземањето на овие чекори е со цел да се оптимизира процесот на вакцинација, вклучително и промена на бројот на дози и интервалот помеѓу дозите.

Кина разви четири домашни вакцини за јавна употреба, а здравствените власти во саботата рекоа дека државата, најверојатно, ќе произведе три милијарди дози до крајот на годината.

Што се однесува до „Синовак“, ефикасноста на вакцината беше 50 проценти во Бразил, а 83,5 проценти во Турција.

Кога станува збор за „Синофарм“, две студии покажаа дека вакцината е ефикасна 79,4 и 72,5 процента, според првичните резултати.

Можете да прочитате

Убиен oсомничениот напаѓач на Берлинската парада на гордоста

Москва не ги коментира најавите за можен предлог од Вашингтон и Киев за крај на војната во Украина

Трамп ги паузира нападите врз Иран за да „даде простор“ за преговори