Скопје, 8 јуни 2020 (МИА) – Oвој огромен процент познати контакти се во рамките на веќе локализирани кластери на заболени со Ковид-19. Интензивната анализа на нивните контакти, рестрикцијата на движење врз основа на проекција на нивното движење, податоците од епидемиолошките анкети, ни дава за право да кажеме дека во секој од овие периоди, од почеток на епидемијата, а со соодветен пристап согласно податоците што ги даваат пациентите, ние имаме целосен увид во ситуацијата како во однос на активните случаи, така во однос на нивните контакти и така во однос на планот и пристапот во однос на тие контакти – дали се (со епидемиолошки речник да се изразам) прво или второ колено. Така се димензионираат и мерките што ги препорачуваме.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата. Посочи дека оваа интензивна анализа на сите контакти била со цел да ја согледаат целокупната епидемиолошка слика, за да можат да го предвидат бројот на пациенти кои доаѓаат во болница.
– Од хоспитализираните пациенти на респираторна машина се само осум во моментот од вкупниот број кои се наоѓаат не само во болниците во Скопје, туку и ширум одделенијата во државата, рече Филипче.
Потенцира дека има сосема доволен број слободни болнички кревети, а од 110 кревети на Инфективната клиника, 70 се зафатени со пациенти кои се хоспитализирани.
– Добро е што таму нема ниту еден пациент на респираторна машина. Тоа значи дека сите машини се слободни и монтажната болница. Таа сега е опремена, стигна и мебелот. Таму има 70-тина кревети, што се на располагање и околу 40 до 50 пациенти во Градската општа болница „8 Септември“ од вкупен капацитет, а по потреба целиот може да биде наменет од 400 кревети, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата. рп/ац/