Утрински Весник
Култура

Изложба на фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – збирка во сопственост на Архивот Алинари

Изложба на фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – збирка во сопственост на Архивот Алинари

Во објектот Чифте амам, Националната галерија ќе ја презентира изложбата на фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – збирка во сопственост на Архивот Алинари.

Изложбата е резултат на соработката на Амбасадата на Италија и Националната галерија. Отворањето е закажано за 28 март 2022 година, во 19 часот, а на публиката ќе се обратат д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија и амбасадорот на Италија, Н.Е. Андреа Силвестри.

Поставката е составена од три секции: пејсажи, дела и лица; и секоја од нив обединува фотографии од крајот на деветнаесеттиот и раниот дваесети век. Своевиден времеплов низ пејсажите на Италија, луѓето и уметноста претставени преку објективот на италијанските фотографи меѓу кои браќата Алинари, Барбиери, Басилико, Беренго Гардин, Фонтана, Џакомели, Мараини, Пелегрин, Ѕание.

Italiae „Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е изложба која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.

Избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување кое започнува од браќата Алинари и од обемниот свет кој се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „Многуверзумот на глетките“, како што ќе го нарече Марио Креши – тука застапен со едно ново концептуално дело – патување кое ќе не одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот па сѐ до виртуелната фотографија во игрите.

Изложбата е поделена во три дела – Пејзажи, Дела и Ликови – од кои секој претставува идеален географски, историски и уметнички процес кој преку повеќеслојна разновидност на теми ги доловува промените на една земја во постојана еволуција.

Север и Југ, град и село, работа и празници, традиција и иновации, историја на општеството и културен живот. Дела во кои изненадувањето лежи во поставувањето на сцената и во оригиналниот избор на секој уметник.

Избор на фотографии кој е воедно и начин да се проследат трансформациите на Италија, со јазик кој умее да ја прикаже географската различност, да продре во длабочините на историјата и да навлезе во браздите на поднебјето.

Поставка што многуте „Италии“ ги преточува во една Италија, зборува за непостојаноста на културните граници, чијашто сложеност се должи на вековни споредби и контаминации; обмислениот избор на глетки овековечени од различни очи претставува една разновидна и разиграна приказна, чии што форми се одраз на разиграниот и витален дух на една Земја полна со минато и сеќавања.

Текстот Изложба на фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – збирка во сопственост на Архивот Алинари е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“