Утрински Весник
Култура

Изложба на Сокол Марковски во НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани

Утре со почеток во 19 часот, во Салон фоаје 2 во НУЦК “Бели мугри” – Кочани, ќе биде отворена мојата петта самостојна изложба, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 12.05.2022 година.

Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.

Во случајов претставувањето портрети (портретниот жанр како определба го усовршувам подолг период) е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“ (или негов дел). Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се обидувам да ги претставам преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.

Предимензионираноста, односно монументализацијата на типизираните ликови (со изместен визуелен ракурс) е тенденциозна, тие доминираат за постигнување нивна поголема видливост, од една страна, а од друга иницира интроспекција преку сооченост со Лицето на Другиот, со нејзината/неговата болка со цел да се наведе набљудувачот да се постави во позиција не само на нем набљудувач, туку и на учесник во оваа лична физичка и емотивна борба.

Портретите се поставени на црна позадина која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“ (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено. Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајов сите се анонимно црни. Но, тоа не се само празни и нечујни црни дупки, туку ги содржат сите чувства и борби и, за жал, немо ја рефлектираат надежта и потребата од разбирање и поддршка.

Ликовите имаат физички карактеристики на андрогини битија, со комбинација на машки и женски психолошки (според Платон, несексуални) карактеристики, при што важен ми е моментот на егзистенцијална драма и навлегувањето во битието на душата. Ценам дека состојбата на страдање е иста, независно од полот во случајов и е пример за извесна архетипска состојба. И покрај тенденцијата за општествена безличност или невидливост, ликовите (кои сепак не се миметички реални, повеќе се намерно недовршен/несовршен и суров сенишен одраз на „светот на идеите“) може да се разликуваат според сопствените појавни и експресивни карактеристики. Истовремено и контрадикторно, избегната е детализираноста на деловите на лицето, непостоечките очи функционираат како трансмисија на безнадежноста, безидејноста, бесчувствителноста…, а портретот сам по себе и во сета своја суровост станува „носач на значења“. Акцентирана е фовистичко-експресионистичката недовршеност на делата, а „материјалот“ од кој е создадена надворешноста на ликовите е бејконовски брутален, жесток и разурнувачки, со што дури може да се интерпретира и како антипортрет, но и извесна парафраза на Ничевата филозофија за натчовекот и страдањето, односно пронаоѓањето на животната хуманистичка смисла преку соочувањето со и совладувањето на страдањето.

Конечно, преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, апелирам на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот.

Текстот Изложба на Сокол Марковски во НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“