Куманово, 6 март 2020 (МИА) – Во изложбениот салон во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ вечер со почеток во 19:30 часот, ќе биде отворена традиционалната седма изложба на фотографии „Жените и фотографијата“. На изложбата, која ја организира Фото клуб „Куманово“, ќе се претстават 37 авторки со околу 50 -тина дела.
– Секогаш кај нас, жените биле поактивни од мажите во фотографијата што покажува и големиот интерес за оваа изложба. Веќе се направи и листа на авторки кои самите бараат да учествуваат на изложбата, уште пред да биде објавен конкурсот. Посетителите ја научија изложбата како 8-мартовски момент и ја посетуваат, изјави Марина Крстиќ од Фото клуб „Куманово“.
Фотографирањето е начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака, за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба, велат авторките на фотографиите.
Изложбата е можност, велат од клубот, да се види напредокот на македонските авторки. Делата од оваа изложба граѓаните ќе можат да ги видат наредните две недели.ам/фф/