Утрински Весник
Македонија

Избори за ректор на УКИМ – бојкот на кандидати, оставки во комисијата, претставки од синдикатот

Избори за ректор на УКИМ – бојкот на кандидати, оставки во комисијата, претставки од синдикатот

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за денеска се закажани избори за нов ректор кои треба да ги спроведат изборните комисии на единиците на УКИМ. Иако Универзитетската изборна комисија (УИК) утврди конечна листа со седум кандидати за ректор за мандатниот период 15 септември 2020 – 15 септември 2023, а и нивните програми за работа се објавени на веб-страницата на УКИМ, тројца од кандидатите вчера соопштија дека не признаваат и не сакаат да учествуваат во недемократски избори за ректор.

Одлуката на професорите Петар Атанасов, Вукица Живковиќ и Драги Димитриевски за бојкот на изборите следуваше три дена откако оставка поднесе и претседателот на седумчлената Универзитетска изборна комиисија, проф. д-р Пламен Тројачанец, и на уште неколку нејзини членови, и откако и Антикорупциската комисија во соопштение наведе дека избори за ректор не може да се спроведуваат кога се распишани парламентарни избори.

ДКСК укажа дека по завршување на вонредната состојба, веднаш почнуваат забраните предвидени во член 8а од Изборниот законик, дека почнатите постапки се ставаат во мирување до денот на завршувањето на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата „освен во случаи на итни и неодложни работи“.

За својата оставка во понеделникот претседателот на УИК, Тројачанец, изјави дека не сака да биде дел од избори во кои има многу притисоци, а и затоа што на Универзитетската изборна комисија не и бил достапен извештајот на Државниот просветен инспекторат во кој стои дека таа не требало да ја продолжи работата по прогласувањето на (последната) вонредна состојба на 15 јуни, т.е. дека е тоа спротивно на Уредбата на Владата од 5 јуни за мирување на сите активности за избори на тела и продолжување мандати.

На прес-конференцијата вчера пред Ректоратот на УКИМ, тројцата професори истакнаа дека на Универзитетот му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура. Очекувале од министерот Арбер Адеми, Државниот просветен инспекторат и од надлежните институции да преземат дејствија за заштита на законитоста, односно стопирање на постапката за избор на ректор. Според нив, морална и академска должност е да преземат чекор со кој, како што посочија, нема да бидат „соучесници во вакви скандалозни избори“.

Сметаат дека од самиот почеток, во март, постапката за избор се спроведува спротивно на Законот за високо образование и на  Статутот на УКИМ и особено спротивно на елементарните демократски практики.

-Професорите и студентите се спречени директно да се запознаат со програмите на кандидатите, да им постават прашања, а кандидатите да дебатираат меѓу себе за сите теми. На нашите колеги им е оневозможено да одлучат врз основа на информирана определба, истакнаа тројцата кандидати, кои ги повикаа колегите – наставниците, соработниците и студентите, како и сите членови на изборните комисии „да останат достоинствени и сами да одлучат дали ќе учествуваат на изборите“.

До Универзитетската изборна комисија тие пратија известување дека своите кандидатури ги ставаат во мирување зашто нивниот став е дека изборите за ректор треба да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.

Од Комисијата, пак, со која по оставката на Тројачанец, претседава проф. Д-р Гордана Лажетиќ, добија одговор дека доколку не ги повлечат, нивните кандидатури и натаму ќе бидат дел од постапката за избор на ректор зашто таа е во тек и дека и во објавениот Роковник со активности не е предвидено мирување на постапката и мирување на кандидатурите на веќе пријавени кандидати.

За незаконитост на постапката за избор на ректор постојано реагираше и Независниот академски синдикат (НАкС) кој поднесе претставки до Инспекторатот.  Според Синдикатот, иако мандатот на новиот ректор треба да почне на 15 септември, „се брза и форсира“ изборите за ректор на УКИМ да се одржат на 26 јуни кога завршува и мандатот на актуелниот состав на Сенатот на УКИМ. Со ова највисоко тело на Универзитетот претседава сегашниот ректор и кандидат за нов мандат Никола Јанкуловски, со оглед на тоа што на УКИМ сè уште не е воведена новата функција – преседател на Сенат, како што предвидува новиот Закон за високо образование од 2018.

Во својство на претседавач на Сенатот, актуелниот ректор  е одговорен за законитоста и статутарноста на работењето на Сенатот, ситуација во која, како што наведе Антикорупциската комисија во соопштение од понеделникот – „ректорот се поставува во позиција самиот себе да се контролира“.

ДКСК соопшти дека доставени му се повеќе пријави според кои на УКИМ не е спроведена постапката за конституирање на Универзитетскиот сенат согласно член 150 од Статутот на УКИМ, пред да биде распишан огласот за избор на ректор за да може Сенатот согласно Законот за високо образование од 2018 година да ја спроведе постапката за избор на Универзитетска изборна комисија.

-Наместо тоа, изборот на универзитетска изборна комисија е спроведен од постојниот состав на Сенатот (со помал број на членови на сенатот од научните институти), а работењето и постапувањето на изборната комисија и постапката на гласање и избор на новиот ректор ќе се спроведе согласно новиот закон и статут што доведува до неусогласеност на постапките според стариот и постојниот Закон за високо образование и Статутот на УКИМ, наведе ДКСК, која укажа и дека со тоа што е и претседавач на Сенатот и кандидат за ректор, има „потенцијален судир на интереси  што реално може да влијае врз непристрасното преземање на дејствијата во постапката за избор на ректор“.

Известувањето на ДКСК следуваше  по извршениот инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат. Заклучоците од надзорот на ДПИ беа испратени на 18 јуни, но Министерството за образование и наука не донесе решение со кое ќе постапи според насоките на ДПИ и ДКСК.

Независниот академски синдикат побара од министерот за образование и наука да ја заштити законитоста на постапките и да донесе решение со кое ќе се стопира изборот на ректор и ќе се побара отстранување и на другите правни недостатоци во спроведената постапка.

Повикувајќи се на укажувањата од Антикорупциската комисија, Синдикатот оцени дека продолжување на активностите за избор на ректор додека траат парламентарните избори „претставува грубо прекршување на Изборниот законик“.

-Затоа, Независниот академски синдикат до ДКСК ќе поднесе претставки за прекршување на Изборниот законик против деканите, директорите, членовите на Универзитетската изборна комисија, членовите на изборните комисии на единиците и/или сенаторите кои на кој било начин ќе земат учество во понатамошната постапка за избор на ректор, вклучително и во евентуалната постапка за избор на нови членови на Универзитетската изборна комисија, соопшти НАкС пред три дена.

Покрај тројцата професори кои вчера соопштија дека нема да учествуваат на изборите (Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет), на јавниот оглас од 30 мај 2020 за ректор на УКИМ за четиригодишен мандат кој треба да почне во септември, се пријавија уште четворица кандидати: актуелниот ректор Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет; Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет и Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет. Нивните кандидатури се прифатени и тие се на конечната листа во трката за нов ректор на Скопскиот универзитет.

Според Роковникот со активности во постапката за избор, денеска треба да има тајно гласање на секоја од единиците на УКИМ, на 6 јули повторно гласање (прегласување) и по рокот за приговори, конечните резултати од изборот на ректор да бидат  објавени на 9 јули 2020.

Хатка Смаиловиќ

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина