7 мај 2020
Здружението на новинарите на Македонија го осудува односот на полициските службеници од обезбедувањето и одговорните за протокол на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев кон новинарот од ТВ Клан, Фуркан Салиу.
На денешниот настан организиран од МВР, обезбедувањето на министерот прекршувајќи го Кодексот на однесување на полициски службеници (во членот 19 според кој полицијата има обврска да воспостави професионален однос со медиумите и новинарите) на крајно недоличен начин пробуваше да го оддалечи новинарот Салиу од министерот Чулев поради тоа што тој сакаше да му постави прашање. Според Салиу, дел од неуниформираните полицајци дури тврделе дека треба “да му одржат лекција на него“ што претставува директна закана кон новинарот и е недозволива за било кој државен службеник.
Особено е недозволиво вакви работи да се случуваат на денот на македонската полиција! ЗНМ бара од одделот за внатрешна контрола при МВР итно да го истражи овој случај и соодветно да ги казни припадниците на полицијата кои си дозволиле да постапуваат спротивно од законските овластувања.
Воедно укажуваме на министерот за внатрешни работи дека кога се организираат настани на кои се поканети медиуми, тој мора да оддели време за прашања за новинарите, особено на настани за кои постои голем јавен интерес. Во спротивно, таквото однесување се смета за нетранспарентно и недемократско.
Здружение на новинари на Македонија
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.