Утрински Весник
Македонија

„Зелена лупа“ ќе работи на заживување на Законот за пробација на истокот и југоистокот

„Зелена лупа“ ќе работи на заживување на Законот за пробација на истокот и југоистокот

Штип, 28 февруари 2020 (МИА) – Најслаба алка меѓу институциите во реализирање на Законот за пробација се судовите, покажа истражувањето на Здружението за истражување, анализа и развој „Зелена лупа“, кое денеска во штипскиот Апелациски суд ја имаше првата дебата од проектот „Креирање на модел за успешна имплементација на Закон за пробација преку градење на меѓуинституционалните мрежи во 18 општини“.

Координаторот на проектот Васко Тодоровски, забележа дека во наредните две години ќе работат на тоа откриената слаба алка и проблем да го решат заедно со сите институции. Нагласи дека најголем придонес во имплементацијата на Законот за пробација даваат Управата за извршување на санкции, Секторот за пробација и Министерството за правда.

– Од нашите истражувања увидовме дека проблемите се во судовите, со анкетите увидовме дека во Скопје и западна Македонија имаме близу 200 изречени мерки условен отпуст со заштитен надзор и само една мерка општо корисна работа, а во овој регион каде што сме сега штипскиот, струмичкиот и кочанскиот регион со 18 општини што ги опфаќа имаме едвај седум до осум мерки, вели Тодоровски.

Тој потенцира дека ниту една ваква мерка нема донесено струмичкиот Основен суд.

– И покрај тоа што пред еден месец воспитувачите од Затвор Струмица поднесоа барања за условен отпуст од десет сите беа одбиени, а одбиени беа без образложение. По нашиот разговор со судските работници можевме да увидиме дека сепак имало можност минимум три до четири пробациски мерки да бидат одобрени, но дали е став и дали судот во Струмица го бојкотира законот, тоа останува во иднина да го истражиме и да го поправиме, бидејќи овој закон е европска вредност, вели Тодоровски.

За заживување на Законот за пробација во источниот и југоисточниот регион, кои се под штипско Апелациско подрачје ќе се работи во наредните две години, а анализите покажуваат дека дневно еден осуденик државата ја чини 950, а осуденик со пробациска мерка дневно чини 50 денари.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ  рече дека Законот за пробација е донесен да се реши пренатрупаноста во затворите и да се намалат трошоците, но и покрај тоа  тешко се пробива во македонскиот правосуден систем. Споредбено со користењето на пробацијата  во Германија само пет отсто од осудениците завршуваат во затвор, а кај нас тој процент е висок и е над 25 отсто.

– Ова е една добра мерка, што кажавме повеќе користи на нашето општество и очекуваме на тој начин да немаме пренатрупаност во затворите и да немаме зголемени трошоци околу осудените лица, а бенефитот ќе биде повеќекратен. Тие осудени лица ќе бидат мониторирани, следени од страна на пробациските службеници, а денеска имавте и можност да слушнете и многу позитивни примери и од пробациската служба и од судијката Оља Ристева од кривичниот суд во Скопје, рече Стојановиќ.

Тој нагласи дека вчера завршило и вмрежувањето на институциите, односно профункционирал електронскиот систем во земјава за овој закон.

– Софтверско поврзување на затворите со пробациските канцеларии, со што ќе ја подобри уште повеќе соработката меѓу сите установи во земјава, вели Стојановиќ.

Пробацискиот офицер, Душанка Срцева, која две години работи вели дека имаат шест успешни случаи, од кои сите се со условен отпуст со заштитен надзор, а додека на три случаи работат. Искуствата на пробациските службеници говорат дека тие што добиле услвен отпуст поретко ги повторуваат делата.

Проектот на „Зелена лупа“ финансиски е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, а на почетокот на дебатата свое обраќање имаше и амбасадорот Дирк Јан Коп. На оваа прва дебата присуствуваа судии и обвинители од штипското Апелациско подрачје, претставници на Судскиот совет, Вишото јавно обвинителство, како и директори на државни институции инволвирани во имплементацијата на Законот за пробација во 18 општини во источниот и југоисточен регион. вдј/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?