Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Трошоците на животот и цените на мало во јануари годинава се зголемени за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, а во споредба со јануари 2019 година бележат пораст од 0,6 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во јануари во споредба со претходниот месец е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 1,7 отсто, свежото и разладеното овошје за 1,0, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,6, млекото, сирењето и урдата за 0,3, лебот и житата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 отсто.
Пораст на трошоците на животот има и кај другите финанасиски услуги неспоменати на друго место за 34,3 проценти, електричните апарати за лична хигиена за 4,3, велосипедите за 3,0, течните горива за домаќинствата, туристичките пакет-аранжмани за 1,9, гасот за домаќинствата за 1,5, телефонот и телефакс-опремата за 1,4, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 0,9, другите печатени материјали за 0,8, моторните возила за 0,7, стаклените садови, трпезните садови и прибор за домаќинствата за 0,6, малите електрични апарати за домаќинствата, градината, растенијата и цвеќињата, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,4, домашните миленици и сродни производи, угостителските услуги, услугите за сместување за 0,3, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства, игрите, играчките и хобијата за 0,2 процента.
Намалување на трошоците на животот, пак, е забележано кај месото за 0,8 отсто, виното за 0,3 и жестоките пијалаци за 0,2 отсто.
Намалување на трошоците на животот има и кај воздухопловниот патнички транспорт, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 2,5 проценти, обувките за 2,2, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,6, медиумите за снимање за 0,9, мебелот и покуќнината за 0,6, облеката за 0,4, теписите и другите подни покривки, другите медицински производи за 0,3, големите електрични апарати за домаќинствата, другите услуги за опрема за сопствен превоз, другите лични предмети за 0,2 процента. вј/дма/