Утрински Весник
Македонија
Img 7972

Заев: Aко Мијалков не биде пронајден, ќе има одговорност

Заев: Aко Мијалков не биде пронајден, ќе има одговорност
300x250 opst2

Премиерот Зоран Заев кажа дека ексдиректорот на УБК и првоосомничен во „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, е во бегство.

Тој најави одговорност од институциите доколку Мијалков не биде пронајден, но кажа дека очекува и истрага за неговото исчезнување и расветлување на случајот.

„Народот бара и очекува правда. Се случи уште едно бегство. Јавноста е информирана дека судот донел одлука за притвор на Мијалков, којшто се очекува да биде осуден со пресуда во предметот ‘Таргет-Тврдина’. Прочитав за мерката. Исто како и целиот наш народ, така и јас сме разочарани што сè уште не е пронајден и приведен Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат. Убеден сум дека може да се спроведе. Очекувам детални информации од МВР и детали со истрага за самиот случај од судот, Јавното обвинителство и МВР. Очекувам одговорност ако не се спроведе решението за притвор за лицето кое е обвинето во случај кој за мене е еден од најважните случаи“, рече Заев.

Тој вели дека МВР постапува по законот и така било постапено.

Заев рече дека одговори на сите прашања поврзани со непронаоѓањето на Мијалков и деталите за тоа кога е последен пат виден и како е постапено ќе има наредните денови.

„Реков дека ќе побарам одговорност, кога ќе ги имаме деталите. Во БЈБ е примена наредбата и постапено по неа. Ако има каков било пропуст, ќе побарам јавно одговорност. Не можете да очекувате од мене да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите. Ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде што затаило спроведувањето на законот. Очекувам Мијалков да биде ставен во домашен притвор“, додаде Заев.

Прашан дали бегството на Мијалков е политички договор, Заев негираше.

„Нема политички договор, апсолутно. Јас сум задоволен што по ограбување на државата сме обезбедиле правен процес, кој оваа недела треба да заврши. Веќе е најавена казна, на јавните седници, и веројатно тоа е причината што Мијалков не можел да би пронајден дома. Апсолутно до крај владеење на правото, без разлика за кого, каков момент, за власт или опозиција. Очекувам целосна разрешница и за случајот“, одговори Заев.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Филипче: Над 45 реализирани проекти во Росоман, поддршка за Стојан Николов за да продолжи напредокот

Екс директорот на АЕК, Орданоски, ќе биде координатор за дигитализација во Мепсо

Поднесена кривична пријава против осум физички и едно правно лице за злоупотреби во РЕК Битола со кои е стекната противправна имотна корист во висина од 106.200.000 денари