Утрински Весник
Економија

Заев: ТЕЦ „Осломеј“ е прва транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот

Заев: ТЕЦ „Осломеј“ е прва транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот

ТЕЦ „Осломеј“ ќе биде запаметена како прва енергетска транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот, изјави премиерот, Зоран Заев, кој во придружба на раководството на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), ја посети локацијата на Термоелектраната во Осломеј во Кичево, каде во моментот интензивно се одвиваат градежните активности за изградбата на првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати во сопственост на „ЕСМ“.

„На местата на некогашните загадувачи, денес градиме капацитети за производство на чиста и зелена енергија. Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ за неколку месеци треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична електрана. Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана ќе изнесува 15-17 гигават-часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства“, рече Заев.

Тој додаде дека изградбата на Фотонапонската електрана „Осломеј“ е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето.

Пвите киловати електрична енергија од фотоволтаичната електрана од 10 мегавати, инсталирана на површина на сегашната Термоелектрана „Осломеј“, се очекуваат да протечат во наредните неколку месеци.

Договорите од една страна се потпишани од „ЕСМ“, како јавен партнер, и од друга страна со „Фортис енерџи“ од Турција во едната електрана, а во другата со „Солар про“ од Бугарија. Приватните партнери на „ЕСМ“ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час.

„Пресметките покажуваат дека заработката на државата би се движела околу 1,5 милиони евра годишно. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по 1 вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Во моментот се прави студија за праведна транзиција, во која треба да бидат направени сите анализи за можностите и иднината на постојните вработено. Ова е показател дека се грижиме за сите и дека се бара решение за сите“, истакна Заев.

„Нашата цел е да обезбедиме чиста животна средина за нашите деца и за идните поколенија“, посочи премиерот Заев.

„Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 проценти и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, според извештајот на „Балкан грин енерџи њуз“, истакна премиерот Заев.

Генералниот директор на АД „ЕСМ“ Васко Ковачевски во својата изјава потенцираше дека изградбата на Фотонапонската електрана „Осломеј“ е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето.

„Термоелектраната „Осломеј“ не беше во редовна работа со години и сега во делот каде што е завршена експлоатацијата на јагленот се почна со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, туку и во интерес на сите граѓани што живеат во Кичево и околината“, истакна Ковачевски.

Додаде дека веќе се преземени активности за селектирање на потребните кадри од РЕК „Осломеј“ и нивна преквалификација за работа во фотонапонската електрана, како и за потребите на поголемата фотонапонска електрана од 100 MW која ќе се гради како јавно-приватно партнерство.

Можете да прочитате

Завршени 89 проценти од експропријацијата за автопатот Гостивар – Тетово, 70 проценти за Битола – Прилеп

Двете емисии на државни обврзници во вкупен износ од околу 50  милиони евра од денеска котираат на берзата

Синдикатот на Македонска пошта бара нова систематизација, се најавува протест и штрајк