Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја предупреди Грција дека ќе мора да влезе во разговори за спорните области во источниот Медитеран.
Ердоган ѝ се закани на Грција дека во спротивно ќе се соочи со последиците.
„Или ќе го разберат јазикот на политиката и дипломатијата или ќе се соочат со болни настани на теренот“, рече тој денеска за време на отворање на болница во Истанбул.
Говорејќи за областите што Грција и Кипар ги назначија за свои економски поморски зони на истокот на Средоземното Море, Ердоган рече дека Грција ќе разбере оти Турција има политичка, економска и воена моќ да распарчи неморални мапи и наметнати документи.
Истакна и дека Турција е подготвена за секоја можност и резултат.
Грција и Турција се во расправија околу морските граници по откривањето на значителни наоѓалишта на гас, а двете земји спроведоа неколку воени вежби во последните неколку недели.
Анкара тврди дека Грција нема право да експлоатира гас.