Утрински Весник
Култура

Евроамбасадорот Гир: Вечерта на ЕУ на „Охридско лето“ е традиција веќе 15 години, и се надевам дека и понатака ќе ја негуваме

Евроамбасадорот Гир: Вечерта на ЕУ на „Охридско лето“ е традиција веќе 15 години, и се надевам дека и понатака ќе ја негуваме

„Бах во етерот“ беше насловена Вечерта на Европската унија што се одржа синоќа на фестивалот „Охридско лето“. Во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, Баховите дела преку извонредна интерпретација ги донесоа словенечките уметници, флејтистката Ирена Графенауер и кларинетистот Мате Бекавац.

Двајцата уметници кои имаат долги и успешни кариери, а заедничка им е скромноста при нивното појавување во јавност, оставија силен впечаток кај публиката преку нивното музицирање.

-Првпат сум во Охрид и навистина уживам, и во градот и во црквата во која настапивме која поседува харизма и извонредна акустика. Публиката, на мое пријатно изненадување слушаше со посебна концентрација, бидејќи програмата беше малку посложена. Мислам дека за овој простор, а и судејќи по реакциите на публиката имавме прекрасна вечер. Ние двајца свириме многу долго, повеќе од 25 години, така што соработката ни е лесна, но секој нов проект е нов почеток, ново запознавање, нова комуникација и решавање мали конфликти кои доаѓаат во текот на креативната работа, рече кларинетистот Бекавац.

За флејтистката Графенауер, нема ништо поубаво во животот од споделувањето на музиката, особено, како што кажа, во овие тешки времиња.

-Беше прекрасна вечер. Сите заедно се споивме.Имаше неверојатна концентрација и кај нас уметниците и кај публиката. Живееше само музиката. Ја споделивме токму неа во прекрасниот амбиент на црквата, и што може да биде поубаво од тоа. Сметам дека самиот бог дојде да не посети. Толку ни беше убаво и незаборавно. Ја сакам вашата земја, Охрид и луѓето кои се толку пријатни. Сега се тешки времиња и затоа додека свиревме, се молевме да ни биде подобро на сите, додаде Графенауер.

Амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир во првите редови на публиката уживаше во прекрасниот концерт што го приредија двајцата уметници.

-Навистина волшебно и многу интимно место. Чинам слушав како флејтата и кларинетот меѓусебно си разговараа во текот на целата брилијантна изведба. Пресреќен сум што сум тука, а можам да го кажам и истото за публиката бидејќи се чувствуваше топлината во неа, а и беа пресреќни што се тука. Голема беше честа што вечерва на сцената ги имавме овие двајца музичари. Вечерта на Европската Унија на „Охридско лето“ е традиција веќе 15 години, и се надевам дека и понатака ќе ја негуваме. Имаме многу вакви традиционални настани низ Македонија, но мислам дека овој ни е посебен и најдраг. Многу се радувам што е во склоп на овој прекрасен фестивал и што ни овозможува да претставиме талентирани уметници во и вон границите на ЕУ, изјави евроамбасадорот Гир.

Традиционалната Вечер на Европската унија на „Охридско лето“ и брилјантната изведба на баховите дела на флејта и кларинет ја проследија и претставници на повеќе странски дипломатски претставништва во Република Северна Македонија, меѓу кои и амбасадорот на

Република Словенија во нашата земја, Милан Предан и почесниот словенечки конзул во Република Северна Македонија, Шенол Ислам, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ, заменик –амбасадорот на Германија Ото Граф, заменик-амбасадорот на Италија, Марио Де Роса, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

Текстот Евроамбасадорот Гир: Вечерта на ЕУ на „Охридско лето“ е традиција веќе 15 години, и се надевам дека и понатака ќе ја негуваме е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“