Утрински Весник
Македонија

Досега вкупно 24 кривични за 29 лица кои го прекршиле законот во врска со Ковид-19

Досега вкупно 24 кривични за 29 лица кои го прекршиле законот во врска со Ковид-19

Скопје, 19 март 2020 (МИА) – Министерството за внатрешни работи денеска ќе одржи работен состанок со раководството на Армијата на Република Северна Македонија, на кој се се формира оперативен штаб и ќе се дефинира во кои делови Армијата може да му асистира на МВР во релизација на тековните обврски и ингеренции за справување со Ковид-19, откако вчера претседателот Стево Пендаровски прогласи 30-дневна вонредна состојба.

МВР од денеска, согласно заклучоците на Владата, ќе почне да издава изјави на македонски и албански јазик на секое лице кое ќе ја напушти државата, со која ќе се обврзе дека во следните три месеци нема да се врати во земјава. Исклучок ќе бидат само возачите на товарните моторни возила, кои секојдневно ги минуваат државните граници и граѓаните, кои ги напуштаат граничните премини од здравствени  причини.

Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го кажа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој истакна дека Одделот за специјални полициски операции презема операции на кризното подрачје во општина Дебар и Центар Жупа, но се ангажирани и на територија на цела држава. Припадниците на Одделот го регулираат спроведувањето на лица и возила од и кон кризното подрачје, а се ангажирани и во спроведување на одлуките на Влада и контрола на целата територија на државата.

-Прво по однос на постапуањето на сите осум Сектора за внатрешни работи сакам да ве известам дека заклучно со денешниот датум полициските службеници при СВР Скопје вршат обезбедување врз 230 лица со решенија за самоизолација од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и на илјада лица кои што се со наредби за самоизолација, додека пак досега извршени се контроли во 530 угостителски објекти а во текот на денов дополнително ќе бидат прверени уште 140 угостителски објекти, рече Чулев.

Во СВР Велес под надзор се две лица со решение на ДСЗИ, 99 лица по наредби за самоизолација, а контролирани се 77 угостителски објекти, во СВР Тетово се обезбедуваат 17 лица по основ на решенија на ДСЗИ и 185 лица со наредби за самоизолација, во СВР Штип такви мерки се превземени врз 10 лица со решенија од ДСЗИ и 246 лица со наредба за самоизолација а извршена е проверка и на 147 угостителски објекти, при СВР Струмица се обезбедуваат 11 лица со наредба за самоизолација, проверени се и 172 угостителски објекти, во СВР Битола под надзор на полициските служби се 32лица со решенија од ДСЗИ и 140 лица со наредба за самоизолација; во СВР Куманово – шест лица со решенија од ДСЗИ, 221 лице со наредба за самоизолација, а направена е проверка во 83 угостителски објекти и во СВР Охрид се обезбедуваат 82 лица со решенија од ДСЗИ и 205 лица со наредби за самоизолација, додека пак контрола е извршена во 162 угостителски објекта.

Досега се поднесени вкупно 24 кривични пријави против 29 лица, помал дел од нив по основ на членот 205 од КЗ на РСМ – „пренесување на заразна болест“, а повеќето по основ на член 206 – „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, како и три известувања до надлежно ОЈО а се однесуваат на член 206 од КЗ.

Поранешната директорка на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска, во земјава влегла на 29 февруари, а како што напомена Чулев против неа и сите оние кои ги прекршиле членовите 205 и 206 од КЗ се поднесени соодветни поднесоци до Јавното обвинителство.

Засега, според негови сознанија нема изречени мерки затвор за прекршителите на овие членови, изречени се парични казни, кои достигнуваат до 2.500 евра.

-Особено сакам да истакнам дека СВР Скопје постапувајќи по оперативни сознанија за наводното организирање на забави во приградските населби од страна на млади лица кои изнајмувале викендици и куќи, превзеде оперативни мерки за превентивно покривање и патролорање со цел спречување групирање и задржување на поголема група граѓани при што извршени се контроли на локациите на подрачјето на Горно Нерези, селото Сопиште, локалитетот Сончев град, селата Горно и Долно Соње, викенд населбата Марков манастир, месност Три Круши, во Ченто и во Радишани. При извршените контроли не се затекнати поголема група на граѓани, но полицијата ќе биде на терен и будно ќе ги следи состојбите, рече Чулев.

По однос на активностите на Одделот за специјални полициски операции полициските службеници во изминатите неколку денови реализираше низа активности. Меѓу другото реализирано е извлекување на 66 кои што со 24 возила беа транспортирани од селата Тресонче, Лазарополе, Осој и Манастирец, дотолку повеќе што овие села и покрај тоа што територијално припаѓаат на општина Дебар, физички се одвоени и немаат контакт со градот.

Пред излекувањето извршен е поединечен преглед од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје во Гостивар. Вчера, исто така, биле пропуштени 11 товарни возила со храна, четири возила со лекови, 15 возила од компаниите кои работат на подрачјето на Дебар и едно возило со средства за дезинфекција Дополнително организиран е спровод на едно медицинско возило со две лица се пренесени до Клиничкиот центар во Скопје.

Завчера пак биле пропуштени 25 возила со 34 меѓу нив и медицински лица лица коишто вршеле достава на храна и лекови. Во моментов медицински лица работат на излекување на една трудница, односно асистираат во обезбедување на медицинската документација со цел успешно завршување на извлекувањето.

Одделот за специјални полициски операции во текот на вчерашната вечер даваше асистенција на Секторот за внатрешни работи, Скопје на подрачјата за кои имаше информации дека се врши недозволено групирање и собирање на граѓани и, како што претходно нагласив и во наредниот период ќе преземаат активности и во други градови каде ќе се добијат информации дека се евидентирани вакви или слични појави.

Во врска со состојбата со влез и излез од земјава во текот на минатите 24 часа евидентиран е вкупен влез на 2824 граѓани од кои 2017 македонски државјани, а 807 странски државјани. Додека пак излез оствариле вкупно 2278 лица од кои 951 македонски граѓани а 1327 странски државјани. Примарно станува збор за професионални возачи на товарни моторни возила.

Чулев одговарајќи на новинарско прашање за музичарите од Битола кои се сместени во карантин, рече дека тоа е одлука на Министерството за здравство и оти полициските сили на Деве Баир лоцирале девет лица, музичарите и едно лице кое се превезувало со нивното комбе.

Министерот истакна дека согласно заклучоците на Владата, МВР овозможува непрекинат транспорт на железничкиот товарен сообраќај, а исто така и на АД Пошти, презема мерки назасилен надзор на почитување на одлуките на Владата и ги интензивира теренските контроли општина Шуто Оризари со цел спречување групни собири, а за оваа Општина министерот вели дека засега нема никакви пријави дека мерките не се почитуваат. МВР во соработка со МНР организира и непречен премин на хуманитарните конвои низ државата.

Сите професионални возачи на товарни возила, кои претходно добиле наредба за самоизолација, потребно е да обезбедат соодветни дозволи од Државниот санитарен инспекторат, со кои ќе докажат дека имаат право за непречен и повеќекратен влез и излез од граници, со цел тековно извршување на нивните работни задачи поврзани со транспортниот сообраќај.

Чулев одговарајќи на новинарско прашање рече и дека денеска ќе пристигнат пет илјади обрасци за пасоши без разлика на ситуацијата, а дека до 24 март се очекуваат останатите 140 илјади. ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег