Скопје, 9 април 2020 (МИА) – На предлог на Министерството за економија министрите на денешната 39-та владина седница ја разгледаа и донесоа Уредбата за примена на Законот за акредитација за време на вонредна состојба, која предвидува одложување на роковите за доставување на извештајот за реализираната програма за работа на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија за 2019 година, како и извештајот за работата на Советот за 2019 година и извештајот на Одборот за надзор на материјално-финансиска контрола за 2019 година, за време на траење на вонредната состојба.
Важноста на сертификатите за акредитација, како што соопштуваат од од владината прес-служба, чиј рок е истечен или ќе истече за време на траење на вонредната состојба и на сертификатите за акредитација, чиј рок ќе истече во период од четири месеци по престанокот на траење на вонредната состојба, согласно оваа Уредба се продолжува до завршување на постапката за ре-акредитација од првото наредно оценување.
– Телата за оцена на сообразност чиј сертификат за акредитација истекол или ќе истече за време на траење на вонредната состојба сe должни да иницираат постапка за ре-акредитација во рок од 30 дена по престанок на траење на вонредната состојба. Надзорните над исполнување на барањата за акредитација и постапките за ре-акредитација кои требало или треба да се реализираат за време на траење на вонредната состојба се одложуваат за време на траење на вонредната состојба и ќе се реализираат по престанок на траење на вонредната состојба. За време на траење на вонредната состојба може да се завршат постапките за акредитација, ре-акредитација и надзорните оценувања чии оценувања се реализирани и со оцена на потребните документите, се вели во владиното соопштение.
Според Уредбата, се посочува во владиното соопштение, телата за оцена на сообразност за време на траење на вонредната состојба можат да достават барање и пријава за акредитација и други документи во врска со постапките за акредитација по електронски пат.фф/са/