Утрински Весник
Свет

Директорот на „Tвитер“ за хакирањето: Ова е тежок ден за нас, жал ми е

Директорот на „Tвитер“ за хакирањето: Ова е тежок ден за нас, жал ми е

Компанијата „Твитер“ објави дека хакерите во текот на вчерашните напади ги искористеле вработените со пристап до внатрешните сервери за да преземат контрола врз профили на многу познати личности, на кои објавувале пораки наместо нив.

„Истражуваме дали хакерите преземале какви било други криминални активности и дали тие имале пристап до други информации. Кога ќе имаме нови детали, ќе ја известиме јавноста“, соопштија од компанијата.

„Твитер“ денеска објави дека хакерите пробиле во неговите сервери и хакирале некои од најистакнатите корисници на платформата, вклучувајќи ги и американскиот претседателски кандидат Џо Бајден, Ким Кардашијан, милијардерот Илон Маск и поранешниот претседател на САД, Барак Обама.

Компанијата на неколку часа го блокираше испраќањето пораки од многу профили, вклучително и официјализирани. Тогаш беше порачано дека пристапот ќе биде вратен кога ќе може да се гарантира безбедност.

Хакираните твитови ги повикуваа останатите корисници да ја удвојат својата заработка доколку испратат донации во криптовалути во точно определен „паричник за криптовалути“. Во неколку часа по почетокот на хакерскиот напад, околу 300 луѓе наседнале на измамата и испратиле биткоини во вредност од над 100.000 долари. Твитовите биле избришани неколку минути по објавувањето.

Извршниот директор Џек Дорси претходно изјави дека компанијата го утврдува проблемот.

„Тежок ден за ‘Твитер’. Жал ни е за ова што се случи“, рече Дорси. По веста за хакерскиот напад, акциите на „Твитер“ паднаа на берзите за скоро пет проценти.

За време на упадот на хакерите, многу познати корисници имале проблеми да раководат со својот профил. На пример, Илон Маск испрати нејасен твит за купување криптовалути, а потоа пораката исчезна. Малку подоцна, се појави нова порака за купување криптовалути, а по неа уште една.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Еден загинат во протестите во Венецуела

Британска полиција: Две деца убиени, шест во критична состојба во напад со нож во Саутпорт

Избодени неколку лица во Велика Британија: Меѓу повредените има и деца