Скопје, 14 април 2020 (МИА) – За помалку од еден месец успешно репатриравме 3.032 наши граѓани кои поради пандемијата беа затекнати во странство, објави вечерва на својот профил на Фејсбук министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Ги организиравме планираните 13 чартер летови со кои безбедно вративме 2.022 македонски граѓани од 13 земји во Европа, но помогнавме и на 573-мина при транзитирањето, дел и од други континенти. Имавме и 4 хуманитарни конвои со автобуси и автомобили, а предвидени се и нови конвои, наведува Димитров во објавата.
Шефот на дипломатијата потенцира дека благодарение на солидарноста и соработката со другите земји, но и преку ЕУ механизмот за цивилна заштита, беа вратени 74 наши државјани од повеќе страни на светот, но и ние репатриравме 750 странски државјани кои беа затекнати во Скопје.
– Не беше воопшто лесно, ниту едноставно. Добивме многу пофалби, но и имавме и поплаки. Ја поздравувам посветеноста и професионалноста на сите колеги од МНР и би сакал да се заблагодарам на сите во Кризниот тим на Министерството, како и на колегите од амбасадите и конзулатите за нивниот придонес во успешната репатријација на голем број наши сограѓани, истакнува Димитров во својата објава на Фејсбук. сп/