Утрински Весник
Култура

Дигитализирано издание на „Историја на филмот“ на Георги Василевски

Дигитализирано издание на „Историја на филмот“ на Георги Василевски

Кинотеката на Северна Македонија на нејзината интернет-страница kinoteka.mk  го објави дигитализираното издание на „Историја на филмот“ на Георги Василевски, одбележувајќи ја, меѓу другото, и 11-годишнината од неговата смрт.

„Историја на филмот, книга I – Раздобјето на немиот филм (1895 – 1927)“ на Георги Василевски, издадена во едицијата ‘Филмолошки студии’ на Кинотека на Македонија, Скопје, 2000 година, е почеток на едно патешествие на синеастичкиот ерудит низ филмската уметност омеѓена со историски факти и теоретски промислувања.

„Но, благодарение на неговата бескрајна ‘километража’ во филмската критика, публицистика и есеистика, ‘Историја на филмот’ во 4 тома е најмалку сувопарно четиво: се работи за мошне читлива историографија која на читателите им ги доближува настаните и процесите кои ги етаблираа подвижните слики од ‘панаѓурска забава’ до ултимативен медиум и уметност на дваесеттиот век“, велат од Кинотека.

Василевски дипломирал на Филозофскиот факултет го завршил во Скопје во 1960 година. Уште како студент објавувал филмска критика и активно учествувал во работата на академскиот кино клуб „Скопје“, а потоа се вработил во Радио Скопје каде што ја водел емисијата „Низ окото на филмската камера“.

По враќањето од студискиот престој во Париз во 1970, под патронат на париската Кинотека, станува уредник на филмската програма во тогашната Телевизија Скопје и ја уредува и води емисијата „Во фокусот на филмот“.

Во некогашна Југославија соработувал со речиси сите филмски списанија, а во некои од нив е и член на редакцијата како „Филмограф“ од Белград и „Екран“ од Љубљана.

Еден е од соработниците на филмската енциклопедија во издание на Југословенскиот лексикографски завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб. Автор е на монографијата за Ацо Јовановски, како и на „Времето на филмот“, потоа на книгата „Film med sanjami in resnico“ во издание на „Младинска книга“ од Љубљана.

Бил професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА и на Факултетот за драмски уметности. Добитник е на наградата „Феникс“ за постигнување врвен успех од областа на филмската уметност, како и на наградата „Златен Дедал“ што ја доделува европската филмска академија ЕСРА.

Во двеилјадитите години работел на циклусот „Портрети“ со поднаслов „Професија синеаст“, како и на серијата документарни филмови посветени на значајните научни, културолошки, и уметнички имиња од повеќе европски држави, кои живееле и работеле во Македонија. Во 2009 година излезе и неговото капитално дело „Филмска енциклопедија“, на вкупно 800 страници, по азбучен ред ја опфаќа историјата на филмот, филмските автори, периоди и филмски жанрови.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“