Утрински Весник
Свет

Десетици загинати во поплавите во Бангладеш и Индија

Најмалку 59 луѓе загинаа во лизгање на земјиштето и удари од гром за време на силните монсунски бури во Бангладеш и Индија, а милиони луѓе се блокирани, додека работниците на итната помош се борат да стигнат до најсиромашните, пренесуваат агенциите.

Метеоролозите предупредуваат дека во следните неколку дена се очекува влошување на временските услови и поголеми поплави, а официјални лица од владата на Бангладеш оваа ситуација ја опишуваат како најлоша во таа земја од 2004 година, пренесува Би-би-си.

Континуираните дождови во текот на изминатата недела поплавија огромни делови од североисточниот дел на Бангладеш, а ситуацијата е влошена од истекувањето на дождовницата од планините во соседна Индија.

Училиштата се претворени во импровизирани засолништа, а воени трупи се распоредени да ги евакуираат домаќинствата отсечени од соседните заедници поради зголеменото ниво на водата и поплавите.

Во државата Асам во соседна Индија, повеќе од 1,8 милиони луѓе беа погодени од поплавите по петдневни непрестајни дождови.

Можете да прочитате

Четири медитерански земји предупредуваат на ризик од нова миграциска криза

По Фолксваген и Мерцедес размислува да произведува оружје

Авион на Квантас бил пренасочен откако патник каснал член на екипажот