Утрински Весник
Култура

Делото „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева, за првпат пред македонската јавност

Делото „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева, за првпат пред македонската јавност

Изложбата „Допирот“, која е организирана во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, под кураторската палка на Ана Франговска, покрај мошне значајниот избор на дела со подвижни слики од Британската визуелна сцена (компилација составена од дела на Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бен Риверс, сите сопственост на агенцијата „Лукс“, како и делото од колекцијата на Британскиот совет на Бедвир Вилијамс), вклучува и македонски автори, и тоа: Елпида Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.

Проектот се отвора на 15 септември и ќе трае до 15 октомври во Мала Станица.

Сите автори на свој специфичен, критички, но и поетски начин реагираат на разновидните прашања за мошне горливиот аспект на Идните екологии, видени низ разновидни призми. Тие дискурси се однесуваат на заштита на животната средина, на екологијата, на политиката, на надмоќта на човекот, на капитализмот, на медицинската индустрија, колонизација, деколонизација, еднаквост, права.

Елпида Хаџи-Василева со своето дело „Silentio Pathologia“ е дел од изборот на кураторот, а ова нејзино дело за првпат ќе ја добие својата македонска премиера по неговата презентација како претставник на павилјонот на Република Македонија на 55. Венециско биенале во 2013 година. Оваа мошне значајна презентација на Венециското биенале значеше постигнување на уште една висока цел во кариерата на оваа меѓународно призната уметница, но и проект со кој го привлече вниманието на меѓународната критичка јавност. Благодарение на тоа, на наредното биенале за визуелна уметност во Венеција, Хаџи-Василева беше поканета да го претставува павилјонот на Светата Столица – Ватикан, со исто така комплексен и грандиозен проект насловен „Haruspex“.

Silentio Pathologia на Елпида Хаџи-Василева

Проектот „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева се осврнува на движењето, миграцијата и влијанието на средновековните чуми низ Европа и ја разгледува современата загриженост за меѓународните миграциски болести каква што е ковид-19. Ова амбициозно дело вклучува ткаена свила, кожурци од свилена буба, кожи од стаорци и завеси од челичен лим. Следејќи ја директно линијата на економскиот развој на трговијата со свила, може да се открие ширењето и размножувањето на една од најпознатите болести од тоа време, чумата. Прибегнувањето кон когнитивната примена на овој географски и историски феномен во проектот на Елпида Хаџи-Василева ја разгледува врската помеѓу социјалните и природните науки. Освен наративниот фундус на овој контекст, зад него стои вивисекција на парадигмата на пренесување како онтологија, пренос на информации (морфологијата на медиумите и нивната манипулативна моќ), пренесување на стоки, пренесување на идеи, луѓе, достигнувања, но и ширење на несакани ефекти од преносот – болестите воопшто (чумата е пример за тоа, но метафорички се однесува на сите генетски и синтетички произведени современи болести, како што се птичјиот и свинскиот грип и денешниот корона-вирус, со што ова дело добива и мошне актуелна димензија).

При создавањето на ова дело, Елпида Хаџи-Василева ниту повредила ниту имала намера да повреди некое живо суштество. Сите материјали од органско потекло (пред сѐ, белите глувци) кои ги користи се набавени од специјални фарми за бели глувци кои се одгледуваат за потребите на синџирот на исхрана на животни во зоолошките градини.

 

Текстот Делото „Silentio Pathologia“ на Елпида Хаџи-Василева, за првпат пред македонската јавност е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“