Крива Паланка, 30 јуни 2020 (МИА) – Претседателот на Кошаркарската федерација на РС Македонија, Перо Антиќ и генералниот секретар на КФСМ, Тодор Гечевски денеска го посетија кошаркарскиот клуб „Крива Паланка” и доделија опрема, баскети, за младинските категории играчи.
– Ние како носители на спортски функции се поддржуваме, но многу е значајно младите луѓе да бидат мотивирани, за да постигнуваат поголеми успеси, изјави Антиќ, кој ја поздрави работата на клубот од Крива Паланка од чии редови излегуваат бројни таленти, репрезентативки и репрезентативци, во младинските и сениорски државни лиги.
Генералниот секретар на КФСМ, Гечевски, посочи дека се денеска во Крива Паланка за да доделат опрема во знак на благодарност за гостопримството и организација на минатогодишната подготовка на репрезентацијата до 14 години во женска конкуренција, пред настапот на „Slovenia Ball”, во која помошен селектор е Ведран Белешковски од КК Крива Паланка.
– Во оваа пригода се заблагодарувам на општината и градоначалникот, како и на клубот за одличните услови што ги овозможија една генерација кошаркарки да тренираат и да се подготвуваат за меѓународни натпревари. Задоволни сме и од гостопримството во градот и се надевам таквата соработка ќе продолжи и во иднина, рече Гечевски.
Тој ја пофали работата на младинската школа на клубот од Крива Паланка и посака уште многу талентирани играчи да тргнат по стапките на младиот репрезентативец од овој клуб, Андреј Јакимовски,кој веќе оваа година, на само 18 години го имаше своето деби во сениорската репрезентација на РС Македонија.
– Нашиот клуб опстојува на кошаркарската сцена во државата 15 години, во кои работиме посветено и макотрпно, поставувајќи нови планови и цели за секоја нова сезона, па од премиера во првата женска кошаркарска лига пред две сезони, годинава ќе настапиме во регионална АБА лига, а секоја поддршка и помош во остварувањето на целите, за нас е многу значајна и сме бескрајно благодарни, изјави Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претседателката на Советот на општина Крива Паланка, Изабела Павловска, а делегацијата од КФСМ ја придружуваа познатите македонски ракометари, Наумче Мојсоски и Андријана Будимир. ид/цр