Утрински Весник
Свет

Данска сака да ги заштити Фарските Острови од Русија со радарот на НАТО

Данска сака да ги заштити Фарските Острови од Русија со радарот на НАТО

Данската либерално-конзервативна партија Венстре и владејачката Фарска унионистичка партија тврдат дека Фарските Острови се повеќе се притиснати во однос на безбедносната политика. За да се зацврсти ставот на малиот архипелаг, тие предлагаат поставување радар на НАТО и зона на слободна трговија со ЕУ, пренесува „Спутник“.

Според Венстре, Фарските Острови треба да бидат ослободени од зависноста од Русија со склучување договор за слободна трговија со ЕУ, меѓу другото, за извозот на лосос што претставува околу 50 отсто од вкупниот извоз на архипелагот.

Двете партии ги именуваа Русија и Кина како главни закани за архипелагот.

„Во последниве години сведоци сме на ескалација на руските летови над Северен Атлантик. Тие ја тестираат подготвеноста на НАТО и постојано го нарушуваат воздушниот простор на Комонвелтот. Затоа, мора да реагираме на зголемениот обем на руски летови и да се осигураме дека имаме вистински можности да го следиме воздушниот простор “, изјави за „Берлингске“ портпаролот за надворешна политика на Либералната партија, Михаел Аструп Јенсен.

Според Јенсен, радарот, кој ќе функционира под покровителство на НАТО и ќе „покрие“ можни дупки во воздушниот простор на архипелагот, нема да стои сам.

Затоа, од данскиот министер за надворешни работи Кепе Кофод од владејачката Социјалдемократска партија е побарано да ја забрза работата за договор за слободна трговија со ЕУ – идејата е да се избегне Русија, главен увозник, да ги погоди Фарски Острови со трговски бојкот во време на криза. Фарските острови имаат голем извоз на риби во Русија и се зависни од овој пазар затоа што не можат да ги продаваат своите риби на пазарите во ЕУ.

Во 2013 година, ЕУ отиде дотаму што, меѓу другото, ја бојкотираше фарската риба поради несогласувањата околу квотите. Оттогаш бојкотот е заменет со стар трговски договор со кој се оданочуваат фарските стоки, кои двете страни предлагаат да ги заменат со зона за слободна трговија.

„Сега сме на крстопат на кој фарскиот извоз во Русија може да стане ранлива област и точка на притисок. Затоа, одлуката за радарот не може да биде сама, туку мора да се следи со зголемен притисок врз ЕУ за договор за слободна трговија меѓу Фарските острови и ЕУ“, рече Јенсен.

Според  „Берлингске“, оваа мерка ќе ги заштити и од Кина по обвинувањата дека таа се обидела да изврши притисок врз фарската влада за купување кинеска опрема за 5G освен ако не сакаат да го изгубат извозот на лосос во Кина.

Во исто време, Гренланд и Фарски Острови, оддалечени територии на данското кралство, добиваат зголемено внимание од САД, кои бараат зголемена трговија и соработка.

Минатата година, претседателот Доналд Трамп дури даде шокантен предлог за купување на Гренланд од Данска од стратешки причини, притоа заштедувајќи му голем трошок на Копенхаген (можно навестување за годишна субвенција од 510 милиони американски долари, од која Гренланд е силно зависен).

Оваа година предвидено е да се отвори првото претставништво на САД во Гренланд од 1953 година за да се промовира директна соработка со најголемиот остров во светот. Овие чекори предизвикаа многу дански политичари кои сметаат дека тоа е непотребно и неприфатливо мешање.

Фарските Острови се архипелаг во Северен Атлантик лоциран северозападно од Шкотска, на половина пат од Норвешка до Исланд. Тоа е автономна територија во рамките на Кралството Данска заедно со Гренланд и има повеќе од 50.000 жители.

Архипелагот претрпе големи економски тешкотии по распадот на рибарската индустрија во раните 90-ти, и оттогаш се обидува да ја диверзифицира економијата. Во последниве години, поддршката за независност расте. Од денес, пет фарски партии од целиот спектар се изјаснија за независност од Данска.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се урна товарен авион врз станбен кварт во близина на аеродромот во Вилнус

Блискиот исток, Украина и Трамп се на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7

Во Бејрут прекин на наставата во училиштата и универзитетите до крајот на декември