Гугл во објаснување на својот официјален блог минатата седмица извести дека во последниот период има огромен број фишинг-мејлови (од измамници што се претставуваат како некое официјално тело или некој друг да ви испраќа легитимна порака, а вие треба да кликнете на некој линк – или ви испраќа нешто во прилог, што треба да го отворите) поврзани со Ковид-19, и дека благодарение на напорите на вработените во Гугл и на вештачката интелигенција, се труди да ги блокира.
Според Гугл, во последната седмица секојдневно биле блокирани околу 100 милиони мејлови со обиди за фишинг или за прикачен малвер, а од нив околу 18 милиони биле поврзани со Ковид-19. Дополнително, дневно имало уште околу 240
милиони спам-мејлови поврзани со Ковид-19.
„Но успешно блокираме повеќе од 99,9% од нив, пишува Гугл.
Компанијата која стои и зад најпопуларниот систем за електронска пошта – Гмаил-даде неколку примери за погоренаведните злонамерни активности.
Така, имало мејлови во кои под маската на официјални институции, како Светската здравствена организација (СЗО), или некои тела на влади – во земјава еден пример беше случајот за кој вчера извести МВР, дека стасувале мејлови за пријавување во врска со некоја кривична постапка – во кои се бара донација или се испраќа малвер.
„Освен блокирањето на ваквите мејлови, контактиравме со СЗО за да им ја објасниме важноста од примена на постапката за потврдувањето на официјалниот статус на мејловите преку нашата DMARC (Domain-based Message Authentication, Reporting, and Conformance) и посочивме на потребата да се зајакне безбедноста“, стои во известувањето.
Гугл дава пример и за еден фишинг мејл наменет за луѓе од фирми кои поради пандемијата мора да работат од дома „испратен“ од „Административниот оддел“, а во кој се наведува линк на кој треба да кликнат „за да ја завршат процедурата за бонуси на платите“ во периодот во кој работат од дома.
Имало и фишинг-мејлови наменети за прелажување на малите бизниси, злупотребувајќи ги мерките на различни влади за помагање на фирмите.
Гугл појаснува дека дел од мерките е и Safe Browsing API, кој на корисниците на Хром и на Гмаил им испраќа предупредувања за злонамерни мејлови.
Потребна е и обична внимателност за да се заштитиме од лицата со криминални намери, преку некои постапки, како: да не ги симнувате атачментите (прилозите) на мејловите, туку да ги прегледувате во Привју во Гмаил, да ги проверувате УРЛ-ата, односно точните адреси што се гледаат кога со курсорот ќе застанете над нив, да не ги отворат сомнителните мејлови и да ги пријавувате преку опцијата во Гмаил, но и да се вклучат во Advanced Protection Program (APP) на Гугл.
Извор: meta.mk