Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вели дека властите се подготвени да воведат нови ограничувања во Атина и околината поради растот на бројот на новоинфицирани со коронавирус.
Мицотакис на видеоконференција со министрите изјави дека владата, со цел да го потисне ширењето на коронавирусот, е подготвена да воведе дополнителни мерки во регионот на Атика, чиј главен град е Атина, пренесува „Ројтерс“.
Премиерот рече дека здравствените експерти предложиле воведување дополнителни ограничувања на јавни собири, забрана за одржување културни настани во следните две недели и други мерки.
Владата во текот на денешниот ден може да донесе одлука за овие мерки, што може да стапат на сила во понеделник, рече Мицотакис.
Зголемувањето на бројот на заболени во последните неколку месеци ги принуди властите постепено да воведат мерки за заштита од коронавирус, како што е задолжително носење маски во сите затворени простори.
Вчера во Грција имаше 359 нови случаи на инфекција, а повеќе од половина беа потврдени во регионот Атика, каде што живее третина од вкупното население.
Во Грција, од почетокот на пандемијата на короната, досега се заразени 14.400 лица, а 325 починаа.