Утрински Весник
Култура

Гостиварскиот театар на „Долни Сарај“ ја донесе премиерата „Полковникот птица“

Гостиварскиот театар на „Долни Сарај“ ја донесе премиерата „Полковникот птица“

Гостиварскиот театар вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ премиерно ја изведе театарската претстава „Полковникот птица“ на текст од Христо Бојчев, а во режија на Андреј Цветановски.

Актерите Марија Кондовска, Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска и Ѓорѓи Нешкоски доловија човечки судбини на една група ментално болни луѓе коишто живеат заборавени во лудница. Таму по грешка им стигнува хуманитарна помош и тие добиваат нова надеж, нова мотивација во животот. Пораката е како луѓето да станат подобри, исто како што и ликовите во претставата стануваат добри.
Првиот човек на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка вели дека театарската претстава започнала да се подготвува по заедничката одлука на актерите и режисерот и по олабавувањето на мерките кои ги наметна пандемијата. Како што појаснува, за пробите на целата екипа биле набавени маски и визири кои актерите ги извадија пред премиерната игра вчеравечер на „Охридско лето“.

„Знаевме уште од почеток дека оваа здравствена криза ќе трае долго и дека ние како уметници мора да најдеме начин како да се прилагодиме на новонастанатата ситуација, како да работиме и како да ѝ вратиме на публиката, зашто сепак, ние трошиме буџетски пари. Држејќи се до протоколите, првото нешто што го направив, ги прашав режисерот и актерите дали се сложуваат да го прифатиме предизвикот и да направиме претстава. Што поголеми предизвици и пречки во уметноста-толку поголеми, подобри и поиновативни работи“, вели директорот на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка.

Според режисерот на претставата „Полковникот птица“ , Андреј Цветановски, предизвик е да се работи со релативно нова театарска екипа, а текстот на Бојчев отсекогаш бил негова желба да го сработи.

„Во мојата кратка но богата кариера, сум имал честопати можност да работам со помали и нови ансамбли. Тие се секогаш интересни за работа затоа што носат една доза на ентузијазам што не ја носат театрите, условно да кажам, со побогата традиција. Овој текст е доста интересен и многу ми се допаѓа. Отсекогаш сум сакал да го работам, и еве, конечно имам прилика за тоа со актерите од Гостиварскиот театар. Особено комплицирано, или некаков нов предизвик ми беше затоа што работевме во период во којшто пандемијата ни зададе нови околности, но театарот се создава овде и сега, и таа околност се обидовме да ја претвориме во квалитет“, вели Цветановски.

Гостиварскиот театар е најновата театарска национална установа во Република Северна Македонија формирана кон крајот на 2018 година. За овој период актерите од овој театар направија три премиери. „Полковникот птица“ е последната премиера, а воедно и прва на македонски јазик.

Драмската програма на годинешното 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затворена в недела, на 30 август, со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ Турски театар –Скопје.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“