Утрински Весник
Македонија

Вработен во МВР помагал за регистрација на луксузни автомобили со фалсификувани документи

Скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за истражна постапка против три лица, од кои првиот е осомничен за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, а другите двајца за продолжени кривични дела фалсификување исправа, како и за поттикнување на првоосомничениот да изврши злоупотреба на службената положба.

Како што информираат од Обвинителството, во периодот од јули 2020 година до мај 2021 година, првоосомничениот како службено лице, референт во МВР (ОУР Скопје), поттикнат од другите двајца, ги искористил својата службена положба и овластувањето и со умисла извршил повеќе временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело.

Со тоа на осомничените им остварил значителна имотна корист од 174.052 евра.

Вториот и третиот осомничен во наведениот период поднесувале фалсификувани документи за регистрација на луксузни автомобили, на кои им било извршено прикривање и промена на оригиналните идентификациски броеви. Првиот осомничен, без да ги направи неопходните проверки на целокупната документација, им овозможувал да ги регистрираат возилата и потоа да ги препродадат на трети лица.

За тројцата осомничени, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор бидејќи постои опасност да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и талогот на СДС повторно се противат на европски проекти, а национален дата центар е обврска од Реформската агенда со ЕУ 

Патриотизмот не е парола, туку одговорност

СТАНОВИТЕ СТАНАА ЛУКСУЗ: Скопје поскапува, а во Европа квадрат чини и над 22.000 евра