Во моментов во Хрватскa има 1.204 активни случаи на коронавирус, 132 лица се лекуваат во болница, а пет пациенти се на респиратор, објави министерот за здравство Вили Берош на владината седница.
„Во овој бран на епидемии починаа 12 лица. Повеќето од нив имаа значителни коморбидитети или беа на постара возраст. Две лица кои починаа беа и на респиратор“, рече Берош.
Процентот на лица позитивни на коронавирусот во однос на бројот на тестирани е 4,05 проценти, а просечната возраст е 47 години.
„Немаше нови жаришта минатата недела, сè уште има активни жаришта од свадби и други големи собири на повеќе места во земјата. Во Умаг се позитивни повеќе вработени и корисници на дом за стари лица и немоќни. Епидемиолозите спроведуваат тестови, а повеќе луѓе се во самоизолација“, рече тој.
Поради зголемените потреби организирани се ковид-амбуланти, како дел од примарната здравствена заштита во 10 жупании на 23 локации.