Утрински Весник
Магазин

Во услови на криза, луѓето почесто бараат добри вести

Во услови на криза, луѓето почесто бараат добри вести

Скопје, 21 април 2020 (/) – Уморни од негативните наслови, застрашувачките статистики и несигурноста околу корона-пандемијата, многумина низ цел свет се обидуваат да го подигнат своето расположение пребарувајќи само добри вести.

Така, деновиве страниците „специјализирани“ за оптимистички вести бележат голем пораст на посетителите. Интернет-списанието „Гуд њуз нетворк” е основано кон крајот на минатиот век. Според неговиот основач и уредник Гери Вајс-Корбли, порталот има трипати поголем промет во однос на периодот пред пандемијата, и сега има 10 милиони посетители.

– Луѓето ни праќаат содржини со позитивни, инспиративни работи што се случуваат во нивното соседство, град или држава и затоа има многубројни добри вести за споделување, вели Вајс-Корбли, потсетувајќи на слично зголемување на интересот по нападите во САД на 11 септември 2001 година и светската финансиска криза пред околу десетина години.

Пребарувањето на поимот „добри вести” на Гугл сега е петпати почесто отколку на почетокот на годината.

И други медиуми, како „Гардијан“, „Фокс“, „Хаф-пост“ и „Јаху“ имаат страници посветени на оптимистични вести. Интернет-страницата на Си-ен-ен, „Гуд стаф” (Добри нешта), покрената лани, од минатиот месец има 50 отсто повеќе претплатници.

Стјуарт Сорок – професор на Институтот за општествени истражувања при Универзитетот на Мичиген, вели дека иако луѓето обично бараат лоши вести, во криза тоа се менува. Тогаш луѓето се презаситуваат и сакаат вести коишто ќе ги оддалечат од проблемите, па бараат приказни со смешни содржини, за разни подвизи, нови откритија, за хероите на секојдневието…

И Ешли Мадиман – професорка на Универзитетот на Канзас, се сложува дека позитивните вести се еден вид бегство од проблемите и тешката состојба.

– Луѓето сакаат да видат решение или, како други луѓе се трудат да пронајдат решение, наместо да се караат. Таквите вести им се попривлечни, вели таа.  си/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста