Утрински Весник
Магазин

Во Тајланд откриен скелет на кит стар меѓу 3.000 и 5.000 години

Во Тајланд откриен скелет на кит стар меѓу 3.000 и 5.000 години

Речиси совршено зачуван скелет на кит, за кој се проценува дека е стар меѓу 3.000 и 5.000 години, е откриен во близина на брегот на Тајланд.

Скелетот бил пронајден на почетокот на ноември на околу 12 километри од брегот западно од Бангкок. Се верува дека е долг 12 метри и припаѓа на еден вид познат како Брајдов кит.

Експертите се надеваат дека ова откритие може да биде еден вид „прозорец кон минатото“, особено кога станува збор за истражувањата на нивото на морето и биодиверзитетот.

„Делумно фосилизирани коски се ретко откритие“, изјави за Би-би-си истражувачот на овие големи цицачи Маркус Чуа од Сингапурскиот државен универзитет.

„Постојат неколку примероци на делумно фосилизирани китови во Азија“, рече тој, додавајќи дека уште помалку се наоѓаат во толку добра состојба.

Фотографиите објавени од тајландскиот министер за животна средина Варавут Силпа-арха покажуваат коски кои се очигледно скоро недопрени. Досега, рече тој, се ископани повеќе од 80 проценти од скелетот, поточно `рбетот, ребрата, перките и едното рамо.

Се проценува дека само главата на пронајдениот фосил е долга дури три метри, бидејќи станува збор за огромен вид кит, кој обично тежи помеѓу 15 и 20 тони.

Биологот Чуа верува дека ова откритие ќе им донесе на истражувачите нови сознанија за минатото на овој вид китови и ќе им овозможи да утврдат кои се разликите во споредба со денешните китови Брајдови китови.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Подготовките за пречек на новороденчето започнуваат уште во второто тримесечје од бременоста на мајката

Холандија најбезбедна држава за патување во 2026 година

Недела на турската кујна 2026 – „Трпезата на наследството“