Утрински Весник
Македонија

Во Росоман отворена дополнителна канцеларија која ќе го олесни аплицирањето за земјоделски субвенции

Во Росоман отворена дополнителна канцеларија која ќе го олесни аплицирањето за земјоделски субвенции

Росоман, 30 јуни 2020 (МИА) – Во Росоман денеска е отворена дополнителна канцеларија која ќе го олесни поднесувањето барања за земјоделски субвенции. Канцеларијата почнува со работа утре.

Освен во Росоман, канцеларии ќе бидат отворени и во Босилово, Василево, Ново Село, Облешево, Богданци, Старо Нагоричане, Могила и Новаци.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски рече дека подрачните единици на Министерството се подготвуваат за почеток и реализација на Програмата за директни плаќања за оваа година.

Тој појасни дека во следниот период, пред почетокот на аплицирањето, ќе се отвораат вакви дополнителни канцеларии од времен карактер за потребите на подрачните единици поради големиот обем на работа и ќе бидат во функција само додека трае периодот на доставување барања.

-Целта е да се растовари работата на подрачните единици во услови на КОВИД -19 и да им помогнеме на земјоделците полесно да ги завршат обврските без загрозување на нивното здравје и здравјето на вработените во подрачните единици, нагласи министерот.

Како што рече Димковски, обезбедени се сите услови за непречено одвивање на активностите. Сите дополнителни канцеларии ќе бидат снабдени со средства за дезинфекција.

-Денеска истекува рокот за внесување промени во Електронскиот регистар на земјоделски стопанства  (ЕРЗС). По овој рок податоците ќе бидат преземени од Платежната агенција за да се изврши ажурирање и ќе почне процесот на аплицирање. Датумот за почеток на пријавувањето на земјоделците за субвенции во најскоро време ќе го одреди Платежната агенција соодветно на периодот за кој службите ќе ги обработат податоците од промените направени во земјоделските стопанства, бидејќи рокот оваа година беше продолжен до денеска, рече Димковски.

Тој информираше дека за да се спречат вообичаените гужви кои се создаваат во подрачните единици додека трае рокот на поднесување на барањата за субвенции, подрачните единици ќе изготват списоци по азбучен ред. Таму каде што има потреба ќе се воведе двосменско работење, вработените ќе функционираат во тимови за да се спречи појава на КОВИД – 19 и да се редуцира бројот на оператори и на апликанти во одреден простор.

-Меѓу првата и втората смена ќе има празен период од половина час за да се избегне контакт меѓу двете смени и за да има време просториите да се дезинфицираат. За почетокот на пријавувања земјоделците ќе бидат известени транспарентно, а веќе неколку години им е овозможено и електронско аплицирање од дома. За таа цел е изготвено упатство за електронско аплицирање со детални објаснувања. За сите нејаснотии ќе може да се контактираат вработените во подрачните единици, додаде Димковски од Росоман.

На новинарско прашање, соопшти дека засега добро се одвива откупот и пласманот на праски. свд/мч/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот