Утрински Весник
Економија

Во општините ќе се реализираат проекти со парите со кои требаше да се гради карго аеродром

Во општините ќе се реализираат проекти со парите со кои требаше да се гради карго аеродром

Ми претставува чест и задоволство што денес ги доделуваме договорите на 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра, рече премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод церемонијата на доделување на договорите за првите 23 општини од ТАВ Програмата.

Како што појасни премиерот, станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните.

„Средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти. Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони, за што се издвоени 49,7 милиони евра. Ова е прва група, следната е на почеток на јули и третата фаза околу 20 јули“, рече Заев.

Премиерот истакна дека Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.

„Владата со буџетски средства и со поддршка на партнерите соработници како и со меѓународните финансиски институции спроведува проекти, конкретно насочени кон развој на општините. Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво“, рече Заев.

Договорите на градоначалниците им ги доделија Фатмир Битиќи, кој е вицепремиер задолжен за економски прашања и Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на групацијата ТАВ Аеродроми во своето обраќање истакна дека оперативните и финансиските успеси имаат значење само кога создаваат општествена вредност.

„Дваесет и трите договори кои ги потпишавме денеска со Владата, вредни 9,9 милиони евра, се првиот дел од вкупниот износ на инвестицијата од 49,7 милиони евра, кои наместо за изградба на карго-аеродром се пренаменуваат за проекти на локалната самоуправа и инвестиции во аеродромите”, изјави Шенер.

Во првата група се опфатени општините Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње.

Можете да прочитате

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија