Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, на денот кога таа земја забележа повеќе од 200.000 случаи на инфекција со коронавирус, рече дека сега е време за најголема претпазливост и дека секој што мисли дека битката со ковид е завршена многу греши.
Џонсон на прес-конференцијата призна дека болниците ќе се соочат со зголемени приеми на пациенти поради омикронскиот сој на коронавирус, поради што националната здравствена служба се префрли на „воен распоред“.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 218.724 случаи на коронавирус и 48 починати од ковид. Тој број, сепак, ги вклучува податоците за Северна Ирска од претходните четири дена, како и податоците за Велс од претходните два дена.
Ова е првпат Обединетото Кралство да регистрира повеќе од 200.000 случаи во еден ден, а претходниот рекорд беше поставен на 31 декември, кога беа потврдени 188.508 нови случаи, објави Sky News.
Британските медиуми јавуваат дека третата доза од вакцината во изминатите 24 часа ја примиле 141.825 лица, а бустерот досега го примиле 34.363.986 лица, што е 50 отсто постаро од 12 години.
Првата доза од вакцината ја примиле уште 19.158 лица, вкупно 51.820.652 лица, додека 29.295 од нив биле ревакцинирани, со што целосно се имунизирани 47.482.789 лица.
Последните податоци покажуваат дека на 3 јануари на болничко лекување имало 14.210 пациенти, од кои 777 на респиратори.