Битола, 6 март 2020 (МИА) – НУ Завод и Музеј-Битола денеска ја промовираше книгата „Цивилното население во Битолско за време на Првата светска војна“ од авторот д-р Мери Стојанова, а една од причините за изработка на книгата е првото истражување за секојдневието на цивилното население во Битолско во тоа време.
Во книгата, како што посочи Стојанова, се содржани податоци од истражувања од 50. и 60. години на минатиот век, како и авторски истражувања во Битолско, Преспа и Струмичко.
-Информациите се за сите социјални и општествени промени кои се случувале во секојдневното живеење, промена на народни носии, промена на социјални односи во рамки на семејството, преселби и враќања во родните села што биле в долж линијата на фронтот и други податоци кои имаат одраз и влијание и ден денес, појасни д-р Стојанова.
Промоторот Љупчо Ристески од Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ-Скопје,порача дека институциите треба да го истражуваат секој временски период низ призмата на животните приказни од секојдневието на луѓето.
-Ова дело е значајно за јавноста бидејќи претставува една од ретките етнолошки и антрополошки студии кои се однесуваат на проблематика од периодот на Првата светска војна. За жал, во нашата држава долго време не постоеја студии, а можеби и кадри кои би се занимавале со ваква проблематика, а и тие што постоеја сметаа дека темата не е со приоритет затоа што долг период во македонската историографија, Првата светска војна беше несоодветно третирана. Ваквиот приод остави простор да се манипулира со прашањата, а животните приказни останаа да се третираат како недоволно валиден извор за информирање и отсликување на животот на населението во тоа време, истакна Ристески.
За рецензентот д-р Александар Литовски, книгата на д-р Мери Стојанова „Цивилното население во Битолско за време на Првата светска војна“ е значајна од историографски апскет, делот на македонското национално прашање и поделбите на државата што се случија по Првата светска војна. мт/цр