Утрински Весник
Култура

Во античкиот локалитет „Стоби“ изложба на дела од Петар Хаџи Бошков

Во античкиот локалитет „Стоби“ изложба на дела од Петар Хаџи Бошков

В сабота, на 18 септември, во 18 часот (вратите на локалитетот се отвораат во 17.30 часот) на античкиот локалитет „Стоби“ ќе биде отворена голема изложба со дела од Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од овој значаен уметник, чие творештво е вградено во темелите на современиот културен идентитет на земјава.

Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Проектот е поддржан од Министерството за култура. Иницијативата за овој проект е на Националната установа за управување со археолошки локалитет Стоби – Градско, и се реализира во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“, со идеја да се заживее локалитетот и да се овозможи отворање нови перспективи во дијалогот со модерното наследство, како и со современата културна продукција.

Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби.

По тој повод на денешната прес-конференција во Музејот на современата уметност – Скопје, директорот на НУ Стоби, Спасе Перовски изјави:

„Изложбата на Хаџи Бошков е голем предизвик за нас. Имаме за цел да го приближиме стариот заштитен свет кон модерното доба. Археолошкиот локалитет Стоби е релативно нова институција во рамки на културата на РСМ и тоа е предност на локалитетот, бидејќи, иако археологијата, конзервацијата и заштитата се примарни дејности во Стоби имаме можност да пробиваме нови простори и времиња за да го приближиме овој стар заштитен со закон свет кон современото доба.“, вели Перовски.

Делата на Хаџи Бошков ќе бидат поставени поединечно и во посебни целини на повеќе различни пунктови на локалитетот Стоби, поврзани во еден логичен редослед.

Оваа поставка, на посетителите ќе им овозможи движење во две насоки, помеѓу прекрасните и инспиративни објекти на локалитетот, меѓу кои се: Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, како и големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки. Овие локации се избрани како специфични, бидејќи на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање на модерната и античката култура и посочуваат на суштинска врска меѓу врвните вредности на овие две епохи.

За важноста на оваа поставка, кураторот Јанчевски вели дека овој проект претставува обид за компаративна анализа на сличностите и разликите помеѓу античкото и модерното наследство, за културните континуитети и дисконтинуитети, за значењето на делата на Хаџи Бошков, но и генерално за улогата на културата и уметноста во развојот на општеството.

„Тој спој на овие два света можеме да ги погледнеме на еден компаративен и некомпетативен начин. Редок случај е во опусот на еден модерен скулптор на специфичен начин да се проткајуваат класични вредности, не како видлива форма, туку како ликовни принципи. Со оваа поставка сакаме да го преиспитаме каков е нашиот однос кон модерното наследство, наспроти односот кон културно наследство, кое опфаќа повеќе епохи. Правиме обид на несекојдневен спој со цел да се отворат прашања, кои можеби не би се отвориле во затворените галерски простори. Постои една важна линија во опусот на Хаџи Бошков, а тоа е неговиот однос со отворениот простор и амбиентот. Многу од неговите скулптури се на несекојдневни позиции лоцирани, преку кои, авторот сакал да акцентира на кој начин тие коегзистираат со средината. Интимно верувам дека е тоа недоостварена желба на авторот и со оваа изложба во негова чест правиме обид да му го овозможиме тоа со еден постхумен омаж“, објаснува Јанчевски.

Изложбата нема за цел да биде постхумна комеморативна ретроспективна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање, врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите, за значењето на делата на Хаџи Бошков, за неговата личност, пристап и за улогата како општествен чинител, и значењето на локалитетот Стоби.

Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна, и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје, да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, првин како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сѐ до своето пензионирање.

Изложбата ќе биде отворена согласно актуелните владини препораки за заштита од Ковид – 19. На влезот од локалитетот, задолжително е приложување на сертификат за вакцина.

Поставката ќе биде отворена до 11 октомври 2021 година.

Текстот Во античкиот локалитет „Стоби“ изложба на дела од Петар Хаџи Бошков е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“